Министерството за здравство со мерки за намалување на смртноста кај бебињата

by fokus

Министерот за здравство Венко Филипче денеска во Владата презентираше мерки кои имаат цел да ја намалат смртноста кај доенчињата и родилките.

-Во соработка со Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА, подготвивме пакет на мерки кои, силно веруваме дека ќе придонесат за намалување на смртноста на новороденчињата и родилките. Со нив ќе се подобри и целокупната грижа за мајките и нивните бебиња додека се во болница, рече Филипче.

Недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките е главна причина за нивна смртност, а најголем процент од починатите бебиња е поради нивната мала родилна тежина и предвремено раѓање.

Во краткорочните мерки се подготвени упатства за следење на ризичните состојби во текот на бременоста, како и клинички упатства за постапување при сепса, проблеми со коагулацијата на крвта во текот на бременоста и за време на породувањето, упатства за постапување при покачен притисок кај мајката комбиниран со високо ниво на протеини во крвта.

Дел од мерките е и изработка на методологија по која ќе се детектираат вистинските причини за смртност и сериозните компликации и кај родилките и кај новороденчињата според стандарди на Светската здравствена организација. Со усвојување на стандардите за гинеколошките ординации, клиничките болници во Тетово, Штип или Битола ќе нудат подеднакво квалитетни услуги како Клиниката за гинекологија во Скопје која е преоптоварена поради препраќања, така што има по околу шест илјади породувања годишно, наместо предвидените 3500 до 4000

Поврзани новости