Министерството за култура ќе ја унапредува состојбата на македонскиот јазик со Македонистички центар и Фонд

by fokus

На денешната седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата со предлог – мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик и го задолжи Министерството за култура да ги спроведе усвоените предлог – мерки. Станува збор за мерки, на кои се работеше веќе подолго време во соработка со истакнати македонисти и кои станаа дел од програмата на новиот состав на Владата на Република Македонија уште од самото стапување на функција.

Мерките предвидуваат основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети, отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Воедно, се предвидува и формирање на Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања.

Освен тоа, со мерките се предвидува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура да прерасне во Македонистички центар, со повеќе функции: организирање на летна школа,стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, како и формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум), која би подразбирала помали семинари, кампови, работилници во текот на целата година за сите оние што се заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик како странски, а би работела и на комерцијално ниво и би издавала соодветни сертификати.

Воедно, се предвидува формирање Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, која би била активна не само за избраните лектори (за кои ова би било задолжително), туку за сите заинтересирани. Понатаму, во ова насока се предлага и формирање на Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија (летен камп), како и соодветна издавачка дејност.

Една од мерките предвидува дополнување, преработка и доработување на електронските бази,документи, книги, списи од развојот на македонскиот јазик од страна на стручни лица, нивно освежување и споделување на реални, вистински, научни податоци за македонскиот јазик на глобалната мрежа.Во врска со гостувањата на наши истакнати научни работници и уметници на странските универзитети со цел да се афирмира македонскиот јазик и култура, се предлага тоа да се прави преку Годишна програма со определен фонд, чии членови треба да бидат истакнати македонисти, членови на академската заедница, непристрасни и невладини експерти.

Поврзани новости