Министерството ги одби, па им одобри средства на „Синтезис“ за авио-билети до Австралија: Не заработуваме од настапите, пееме од љубов!

by Фокус

Министерството за култура ќе ја поддржи финансиски турнејата во Австралија на етно составот „Синтезис“, откако првично на Конкурсот за проекти од национален интерес во културата за 2019 година беше одбиено нивното барање да добијат средства со кои ќе ги покријат авионските билети.

Во телефонски разговор за „Фокус“, Радослав Шутевски од „Синтезис“ открива дека откако било одбиено нивното барање, тие упатиле приговор, по што министерството им одобрило средства за 11 авионски билети до Австралија и назад. Тој вели дека и покрај тоа што имаат договорено два конецрти, од кои едниот во Сиднеј на 21-ви ноември во култниот Фактори Театар, а другиот на 23-ти ноември во Торнбури театар во Мелбурн, сепак помошта им е потребна.

-Ова е втор пат како Министерството за култура ни излезе во пресрет кога се во прашање финансии за наша турнеја. Првиот пат беше пред 11 години, за гостување во Виетнам. Секако, ние сме добиле поддршка за многу концерти, настани и проекти од министерството коишто се случувале во нашата земја, но никогаш во минатото не сме побарале средства кога се во прашање промоции или пак издавање на албуми, секогаш сме се снаоѓале како што умееме, најчесто со помош на спонзори. Сепак, се работи за единаесет лица кои што ќе патуваме, не е тоа мал број, организаторот треба да се погрижи за сместување и за сите останати детали кои повлекуваат трошоци – појаснуваат од „Синтезис”.

Инаку, организатор на концертите е „Feel Balkan“, а на нивната официјална страница беше објавено дека може онлајн да се купат билети за настаните во Сиднеј и Мелбурн, по цени од 70 до 198 долари. Токму поради тоа, се наметна и прашањето зошто од составот бараат владина помош за турнејата, кога на концертите се продаваат влезници по високи цени?

Шутевски вели дека разговарал со организаторите на темава, па цените на влезниците биле намалени, и сега на страницата се нудат по цени од 70 до 117 долари. Во ВИП понудата објавена на страницата, се нуди и постер, маица и можност за фотографирање со групата.

-Да бидеме искрени, ние од турнејата не ни имаме некоја заработка. Станува збор за концерти на престижни локации, а не настапи во кафеана или ресторан каде изведувачите добиваат бакшиш. Ние одиме првенствено за да ја промовираме нашата македонска музика, ќе ни биде многу драго кога и помладите генерации на нашите иселеници ќе дојдат и присуствуваат на концертите, тоа е нашата мисија, да ја негуваме традиционалната музика – вели музичарот.

Околу реакциите дека многу наши фолк-пејачи често гостуваат во Австралија, каде како што тврдат, се еден вид на амбасадори кои ја претставуваат македонската песна, а сепак не побарале средства од Министерството за култура за своите турнеји, од групата се категорични дека се работи за две сосема различни нешта.

-Јас во минатото сум настапувал многу пати во Австралија, знам како одат тие работи. Нашите фолк-пејачи најчесто престојуваат кај свои роднини и пријатели, немаат трошоци за сместување, а добиваат бакшиш за време на настапите во локалите. Многу е полесно кога на турнеја оди една личност, но кога станува збор за состав од 11 лица, нештата се посложени. И она коешто е доста важно е тоа што ние изведуваме македонска музика, додека повеќето наши фолк музичари во рестораните во Австралија најчесто пејат српски турбо-фолк песни, значи има разлика. Пред некое време се случи да не му биде дозволено на српскиот пејач Аца Лукас да гостува кај нашинците во Австралија, знам дека многу од нив реагираа, упатија протестно писмо до надлежните, со цел да им дојде Лукас. Токму поради тоа, потенцирам дека многу сакаме на нашите настапи да има публика од помладите генерации, да ја слушнат и запознаат нашата македонска музика. Значи, не се работи тука за заработка, туку за нашата љубов за негување на македонскиот мелос – раскажува Шутевски.

Тој вели дека членовите на составот се вработени и од своите работни места обезбедуваат средства за егзистенција, и како настапите на „Синтезис“ се нешто кое го работат првенствено од љубов.

-Јас сум пензионер, нашите членови имаат работни места, а некои од нив дури настапуваат и на свадби и на други свечености. Од нешто мора да се живее. Од концертите, најважно е да се покријат трошоците, да нема загуба, а ако остане нешто и за нас, во ред. Но, секако дека не се тоа големи суми на пари. Би сакал да кажам дека ние функционираме речиси 25 години, среќни сме што придонесуваме за афирмацијата на нашата музика и култура ширум светот. Тоа е она кое што не исполнува и не прави среќни – изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости