Министерство за здравство: Нема западно-нилска треска во Македонија

by fokus

Министерство за здравство (МЗ) ја демантира информацијата објавена во некои медиуми дека во Македонија има „западнонилската треска“ и дека таков случај е наводно откриен на инфективното одделение во болницата „8-ми Септември.

Кај ниту еден пациент, како што наведува Министерството, не е потврдено присуство на вирусот на западно-нилска треска.

-Министерство за здравство ги отфрла инсинуациите и шпекулациите наведени во текстот на 1ТВ од 27.10.2018 година во 20:21 часот – „1ТВ дознава: Западнонилската треска пристигна во земјава“ и дел од медиумите што го преземаа, дека случај на западнонилска треска е откриен на инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“. Пациентот што се издвојува во прилогот на 1ТВ, бил примен во Градската општа болница „8 Септември“ со симптоми на грип и висока температура. Но, испитувањата докажале дека не станува збор за западно-нилска треска. Истакнуваме дека ова е случај стар 3 недели и пациентот во меѓувреме е пуштен дома, без компликации по неговото здравје, стои во соопштението од МЗ.

Министерството за здравство подвлекува и дека во ниту еден момент немало намера да прикрие какви било информации и ги уверува граѓаните дека во континуитет ја следи состојбата во врска со вирусот и неговата евентуална појава.

-Новинарката од 1ТВ во изминативе неколку недели беше во постојан контакт со Министерството. Со прилогот што беше емитуван на телевизијата 1ТВ се создава неоснована паника и страв кај граѓаните. Вчеравечер испративме реакција до медиумот 1ТВ, меѓутоа воопшто не е пренесена оваа реакција на тој медиум. Затоа, повторно бараме од медиумот 1ТВ во целост да ја пренесе оваа реакција, наведува Министерството за здравство.

Поврзани новости