Министерство за одбрана: Отпуштените војници во вторник ќе добијат ново вработување

by fokus 16:51
16:51

Откако отпуштените професионални војници најавија дека во среда ќе излезат на протест, пред Владата, бидејќи не им беше исполнето ветувањето дека од октомври годинава ќе добијат нови работни места, што беше регулирано и со Законот за служба во АРМ, се огласија од Министерството за одбрана истакнувајќи дека договорите за вработување ќе бидат потпишани во вторник.

-Вработувањето на поранешните професионални војници во служба на Армијата на Република Македонија се врши согласно Законот за измена и дополнување на законот за служба во Армијата на Република Македонија. Истакнуваме дека Договорите за вработување на овие лица ќе бидат потпишани на почетокот на идната работна недела, односно во вторник, информираат од Министерството за одбрана.

- Advertisements -

Од министерството додваат и дека стручните служби во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, во координација со Агенцијата за вработување, утврдиле дека станува збор за 59 лица кои ги исполнуваат условите утврдени со Законот за измена и дополнување на законот за служба во Армијата.

-Имајќи предвид дека станува збор за сериозна институција, истакнуваме дека поранешните професионални војници не беа „избркани“ откако наполнија 35, односно 38 години, туку престанаа да ги исполнуваат условите за служба во АРМ, согласно тогашното Законско решение, објаснуваат од министерството.

Новото вработување на отпуштените војници, беше ветено пред  изборите минатата година, кога Владата иницираше дополнување на Законот за служба во АРМ, со кој се предвидува сите војници кои ќе навршат 45 години и ќе мора да ја напуштат армијата, како и оние кои веќе биле отпуштени според претходните старосни ограничувања, ќе добијат ново работно место во државната администрација.

 

 

Поврзани новости