Министерство за култура: Нема да заменуваме, исклучуваме или игнорираме уметници поради критичкиот став кон Владата

by fokus 14:36
14:36

Министерството за култура минатата недела објави повик до националните институции да ги достават нацрт-програмите за нивната работа за 2018 година. Овој повик се однесува исклучиво на националните установи, кои се финансираат преку Министерството.

„Новото раководство ќе има полна слобода да направи ревизија на предложената нацрт-програма, при што веднаш ќе се напуштат негативните практики од минатото, одредени автори, уметници, режисери или уметнички дела да бидат исклучени, запоставени, игнорирани, заменети поради тесни партиски интереси или изразување на критички став кон политиките на власта и институциите“, се вели во соопштение од Министерството за култура.

- Advertisements -

Од министерството за култура додаваат дека во претстојниот период ќе следува темелно преиспитување на работата на досегашните раководства на националните установи, врз основа на извештаите што како нивна законска обврска треба да ги достават на почетокот на месец јули. Како што велат оттаму, доколку се утврдат сериозни неправилности во работењето на установата, можно е да следи промена на раководниот кадар.

Со соопштението се повикуваат националните установи од културата да достават нацрт-програми за 2018.

Имено, се работи за законска обврска, пропишана според член 70 став 1 од Законот за култура, според кој директорите на националните установи во јуни во тековната година до Министерството за култура ги доставуваат нацрт-годишните програми на националните установи за наредната година.

Меѓудругото, министерот за култура во наредниот период ќе формира комисии од еминентни авторитети во своите области, чии имиња, наспроти досегашната  пракса, ќе ѝ бидат соопштени  на јавноста. Овие комисии ќе ги разгледаат нацрт-програмите, а потоа, врз основа на нивните предлози, министерот ќе донесе решенија за утврдување на предлог-програмите на установите во рок од 45 дена од донесување на Буџетот на РМ.

 

Поврзани новости