Министерство за култура негира: Не е прекината работата на работната група за Колективниот договор

by Fokus

Министерството за култура ги негира тврдењата на Советот на Синдикатот на културата дека е прекината работата на работната група за колективниот договор за вработените во културната дејност и објаснува дека во изминатите денови подгрупите работеле на детална анализа и финансиската пресметка на средствата што се потребни за потпишување и примена на колективниот договор.

Според Министерството за култура, преговорите за колективниот договор продолжуваат веќе в понеделник во 13 часот за кога ќе биде закажан состанок со работната група.

-Не е точно дека е прекината работата на работната група за потпишување на колективниот договор, туку во изминатите денови подгрупите работат на детална анализа и финансиската пресметка на средствата кои се потребни за потпишување и примена на колективниот договор. Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК ќе работи на унапредување на условите во културата. Преговорите за колективниот договор продолжуваат веќе во понеделник во 13 часот за кога ќе биде закажан состанок со работната група, стои во соопштението од Министерството за култура.

Претходно, Советот на СКРМ најави дека на 16 декември ќе организира штрајк, доколку итно не биде потпишан колективен договор кој ќе биде со важност од 1 јануари следната година, барајќи истовремено јавен одговор од Министерството за култура зошто, како што наведоа, е прекината работата на работната група.

Колективниот договор во културата беше и меѓу прашања на денешната собраниска седница за пратенички прашања. – Подготвени сме да го направиме чекорот и да го финализираме колективниот договор со Синдикатот на култура во Република Македонија до крајот на годината, но потребно е да се направи фер распределба, нормативи, класификација, нивелирање и воедначување на соодветните работни места, рече премиерот Зоран Заев.

Имаме време, дополни Заев, до крајот на годината, доколку дотогаш се усогласат сите работи, се нивелираат самите плати и се воедначат областите и профилите, согласно тежината на работата. Тогаш ќе имаме правично нормирање и самите финансиски средства да бидат исплатени во февруари, со јануарската плата, најави премиерот.

Поврзани новости