Министерот за образование и Груби кај Мерко на првиот академски час

by fokus

Министерот за образование, Јетон Шаќири и првиот вицепремиер, Артан Груби и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, првиот академски час го одбележаа на Меѓународниот универзитет во Струга којшто пак е во сопственост токму на Мерко.

-Епицентарот на животниот успех е во универзитетите, од тоа зависи здравата иднина на државата! На почетокот на новата академска година на сите студенти им посакуваме многу успех во нивните напори и да стигнат до пиедесталите на академскиот успех.

Им честитав на дипломираните студенти на овој Универзитет за завршувањето на додипломските и постдипломските курсеви, охрабрувајќи ги да одат по патот на знаењето и со тоа да станат фактор во највиталните процеси на развојот на земјата, напиша Груби на Фејсбук и објави фотографии од свеченоста.

„Фокус“ пишуваше дека министерот за образование, Шаќири својота научна кариера ја градел токму на Универзитетот на Мерко.

Завршил на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово, а постдипломски студии запишал на Економскиот факултет на Меѓународниот универзитет во Струга.

Според биографијата објавена на веб-страницата на владата,  Шаќири во 2005 година се запишува на Економскиот факултет при Државниот универзитетот на Тетово, каде што дипломира во 2008 година.

Таму во 2010 година, со одбраната на магистерскиот труд се стекнал со научен степен магистер по економски науки.

Во 2010 година се запишува на докторски студии на Економскиот факултет на Универзитетот во Тирана и на 16 септември 2016 година ја одбранил докторската дисертација.

Искуството како предавач на група предмети по економски науки го почнува многу млад.

НАУЧНА КАРИЕРА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ НА МЕРКО

Од 2008 до 2010 година како помлад асистент е соработник по група предмети од областа на економските науки на Факултетот за економски науки на струшкиот универзитет. Потоа станува асистент, а од 2013 до 2016 е асистент докторант на овој факултет.

Цело ова време бил раководител на додипломските и постдипломските студии на универзитетот на Мерко и е директор на „Проаква“ Струга, а потоа го води и „Водовод и канализација“ – Струга.

Според биографијата, од 29 ноември 2016 година, тој како доцент е наставник по група предмети од областа на економските науки на универзитетот каде што ја градел својата научна кариера.

Доцент е првиот од четирите универзитетски рангови, пред вонреден професор и редовен професор, а за да се добие оваа титула, кандидатот треба да има завршено докторски студии.

ДОЦЕНТ БЕЗ ДОКТОРСКИ СТУДИИ

„Фокус“ објави решение според ное се гледа дека неговата диплома е признаена, односно нострифицирана во 2017 година, кога веќе тој бил именуван за доцент на струшкиот универзитет. Односно бил именуван за доцент без признаени докторски студии.

Аферата со дипломите на струшкиот универзитет пукна кога во 2018 година, инспектортот Ѓорѓи Илиевски заедно со уште еден инспектор беа избркани од универзитетот каде што требало да извршат повторен инспекциски надзор за утврдување на спроведувањето судска одлука донесена во 2015 година по пријавата од МВР за постоење фалсификувани дипломи на универзитетот.

По пријавата на МВР од 2015 година, инспекторите извршиле надзор и констатирале дека има стотици студенти од странство (од Турција), кои студираа на МУС, а кои биле запишани без да им бидат нострифицирани дипломите во Македонија, од претходното образование што го стекнале во нивната земја.

Сепак пред институциите не се докажа ништо спорно.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости