Министерот Никола Попоски е новиот кадровик во ВМРО-ДПМНЕ?!

by Фокус

Неофицијално Никола Попоски е новиот претседател на партиската Комисијата за кадровски прашања во ВМРО-ДПМНЕ. Попоски наводно на оваа партиска функција доаѓа на местото на неговиот колега од министерството за здравство, Никола Тодоров, меѓутоа шефот на дипломатијата ниту ја потврди, ниту ја демантираше информацијата иако од неговиот кабинет потврдија дека уште од понеделникот Попоски знае дека се интересиравме за ова прашање.

Меѓу другото, Попоски не одговори ниту кои се останатите членови на оваа партиска комисија, ниту пак кои се нивните конкретни задачи иако според името на ова тело може лесно да се претпостави која е неговата цел. ВМРО-ДПМНЕ на својот сајт ги има објавено партиските комисии и нивните претседатели, меѓутоа Комисија за кадровски прашања не постои. Оттука се поставува прашањето дали таква комисија и формално постои, поготово ако се земе во предид партискиот молк по ова прашање.

Имено, портпаролот  на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски ни вети дека по мејл ќе не извести за тоа дали имало промена во лидерството на комисијата, меѓутоа до сега тоа не се случи. Бичиклиски лично нема информации за смената во комисијата, иако тој не демантираше дека комисија воопшто постои!

Поврзани новости