Министерот Јанакиески му бара на Шилегов 300.000 денари отштета за клевета

by Фокус

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, му поднесе тужба за клевета на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. Јанакиески бара од Шилегов речиси 5.000 евра отштета, бидејќи наводно во декември минатата година го наклеветил на една од неговите прес-конференции, каде што Шилегов зборува за продажба на скапо државно земјиште во центарот на Скопје по багателна цена.

-Дали е на повидок нов скандал со багателна продажба на скапо државно земјиште во центарот на Скопје во кој што е вмешана власта на Груевски е одговор што треба веднаш да и го даде на јавноста министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Јанакиески дозволил продажба на државно земјиште на атрактивна локација среде Скопје, кај зградата на Авто Македонија, за само 100 евра по метар квадратен!, рече тогаш Шилегов.

Тој на прес-конференцијата приложи и документи според кои Министерството за транспорт и врски на јавно наддавање во јуни 2012 година, продало две парцели кај Авто Македонија со вкупна површина од 1.245 метри квадратни, за цена од 7,6 милиони денари, или 6.150 денари за метар квадратен.

Според Шилегов спорно било тоа што според имотниот лист, купувачот на земјиштето го заложил истото под хипотека за кредит во вредност од речиси 20.000 за квадрат.

-Сега, бидејќи банките одобруваат кредит што е третина од вистинската вредност на заложениот имот, а во случајов станува збор за кредит од над 300.000 илјади евра, дали ова упатува дека вистинската вредност на земјиштето што Јанакиески го продал за 126.000 евра всушност изнесува околу 1.000.000 евра?! Значи соработникот на Груевски, Миле Јанакиески продал државно градежно земјиште дури 8 пати помалку од вистинската вредност? Ако е така, за какви интереси го направил тоа Јанакиески, кога решил да ги оштети граѓаните за над 800.000 евра? Дали бизнис интересите на власта на Никола Груевски ја одредуваат цената на државните земјишта?, праша Шилегов во декември.

Поврзани новости