Министерот Бектеши ја посети УКА Комерц, добитник на субвенции за конкурентност, иновации и претприемништво

by fokus

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска беше во посета на компанијата УКА Комерц, една од фирмите која доби финансиска поддршка за мерката финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 година.

УКА Комерц, како еден од лидерите во индустријата за производство на сувомеснати производи во Македонија, на јавниот повик ги исполни условите и доби субвенција за 300.000 денари.

– Овој реномиран производител поддршката ја искористи за надомест на средства за набавка на нова машина од Холандија, која согласно доставените документи ги чинеше речиси тројно повеќе. Ова е уште еден показател дека УКА Комерц постојано вложува во своето работење и среќен сум што успеваме барем малку да помогнеме во развојот на ваквите успешни компании, кои истовремено активно ги следат нашите мерки, истакна Бектеши .

УКА Комерц, во своето 27-годишно работење како семеен бизнис, ги исполнува сите стандарди на прехранбената индустрија и може да се пофали со меѓународни успеси како што е наградата за меѓународен златен квалитет, награда за одржување на квалитетот во Виена во 2015 година, две меѓународни признанија од Рим и Женева. Дел од нивниот асортиман е присутен и на пазарот на скандинавските земји, на големо задоволство на дијаспората.

– Овој пример треба да го следат и другите наши компании, и во делот на инвестиции, новитети, квалитет, освојување на нови пазари, но и во делот следење и користење на владините мерки, бидејќи успешните параметри на овие компании значат и економски раст и успех на нашата економија, рече Бектеши.

Еден од сопствениците на УКА Комерц, Адем Абази, се заблагодари за посетата на министерот за економија и за финансиската поддршка, особено што и минатата година оваа компанија аплицираше и доби поддршка за воведување и сертификација на ХАЛАЛ систем, кој е посебно значаен за освојување на нови пазари за прехранбената индустрија.

Поврзани новости