Минатата година помалку бракови, повеќе разводи во споредба со 2019

by Fokus

Вкупно 9.200 бракови биле склучени изминатата година, 4.614 помалку, или со пад од 33,3 проценти за разлика од 2019 година. Кај разводите, во 2020-та година се забележува пораст од 14,7 проценти, со тоа што имало 2.284 разводи, или 294 повеќе од 2019-та година.

Според податоците од Министерството за правда преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во 2020-та година, на територијата на Република Северна Македонија, биле склучени вкупно 9.200 бракови, за разлика од 2019-та година, кога биле склучени вкупно 13.814.

Низ изминатите 11 години, во просек, годишно се склучувале по 12.650 бракови.

Од друга страна, кај разводите, се забележува пораст од 12,8 проценти. Од вкупно 26 Основни судови на територијата на РСМ, 23 доставија одговори за правосилни одлуки по основ на развод во надлежност на нивниот суд. Со податоци од 23 Основни судови, бројката на разводи е за 294 поголема од 2019 година, кога изнесувала 1.990.

Во просек, изминатите 11 години годишно имало по 1.767 разводи.

За голем дел од младите, пресуден факт беше тоа што беа оневозможени најубавиот ден од својот живот да го прослават на начин каков што сакаат, бидејќи, изминатата година, една од најпогодените индустрии од пандемијата со Ковид – 19 беше и угостителската индустрија. Угостителството доживеа целосен колапс со забраната за одржување на веселби и прослави од страна на Комисијата за заразни болести. Меѓутоа, од Независната угостителска комора велат дека свадбите, како дел од традиционалните прослави, и покрај тоа што беа забранети на кој било начин да се оддржуваат во угостителски објекти, истите беа масовно организирани во приватни изданија или на приватни имоти.

-Пандемијата ковид-19 не ги спречи луѓето да се венчааат, односно, склучат брак. Матичните служби, регистрацијата на младите, наместо на традиционалниот начин, во канцеларија, ја правеа на лице место или во нивните домови. Во вакви услови, младите беа принудени своите животни веселби за кои традиционално свиреа зурли и тапани и се играа ора, да ги прилагодат на новонастанатата ситуација и услови, со цел на некој начин, сепак да ја одбележат својата свадба, појаснуваат од НУК.

За брачните предизвици и разводот како стигма МИА пишуваше во „Разводот, начин на семејно функционирање, а не патологија на семејниот систем” , овој пат, со горенаведените бројки и примери, истите ги доловуваме низ призма на пандемијата со Ковид – 19.

Во таа насока, Вида Гаврилоска, психолог, семеен и системски психотерапевт и тренер од Институтот за Брак Семејство и Системска Пракса – Алтернатива, за брачните искуства и предизвици во време на пандемија истакна два аспекти, дел од семејствата успеваат да најдат убавина во целата оваа ситуација, додека, кај дел од семејствата сето ова е понапнато и поинтензивно.

Она што е интересно е дека одредени семејства, во услови на карантин, па и во овие услови каде што ги нема или се редуцирани на минимум другите сегменти на живеење од социјалниот контекст, кафеана, кафуле, продавници, кои влијаат на растерување на анксиозноста во семејството, се појавува поголем конфликт. Меѓутоа, она што е од другата страна е дека голем дел од семејствата, практично со пандемијата успеаја да се запознаат, да се видат повеќе, да поминат повеќе време во домот, со најблиските, сподели Гаврилоска.

Во однос на разводите, таа сподели дека поради тоа што сè е блокирано, многу институционални одлуки се одложени, така што, ако една работа би се завршила во регуларни услови за недела, две, месец, тука се пролонгира многу повеќе.

Голем дел од оние конфликтни разводи ја искористија пандемијата да ги ускратат видувањата на родителот, кој што не е старател со децата, за разлика од други семејства кои што и покрај пандемијата успеаја да овозможат функционален контакт на децата со родителот кој што не е старател, додаде Гаврилоска.

На Гаврилоска се надоврза и адвокатот Ведран Лаличиќ, од Адвокатската канцеларија Лаличиќ и Бошкоски, кој од правните искуства сподели дека во последно, сведоци биле на примери каде што еден од брачните другари не бил во можност да го издржи психолошкиот притисок кој е последица на ограничувањата поради пандемијата.

Многу закажани свадбени веселби останаа одложени на неодредено. Голем дел од младите чекаат пандемијата да заврши, но, за добар дел од нив пандемијата не беше пречка, во интимна атмосфера, да ја официјализираат заедницата наречена брак. Дали олабавувањето на мерките и враќањето на свадбените прослави ќе придонесе кон враќање на позитивниот биланс на склучени бракови, останува да дознaеме со исходот од пандемијата и предизвиците што следуваат.

 

Поврзани новости