Откако Митко Јанчев беше разрешен, сега како негов наследник на потпретседателското место во ВМРО-ДПМНЕ се наметнува Антонијо Милошоски.
Информациите однатре говорат дека во последниот период се интензивирале средбите меѓу него и Мицкоски, при што биле надминати сите недоразбирања. Милошоски, наводно, му дал апсолутна поддршка за водење на партијата во критичните моменти во пресрет на промената на Уставот, претседателските избори и евентуалните предвремени избори што може да се случат заедно со претседателските на пролет.
Во тој контекст, според сознанијата на весникот Независен, со Милошоски е договарано тој да биде нов потпретседател на партијата, односно да го заземе местото на разрешениот Митко Јанчев. Се калкулира дека поранешниот министер има големо искуство во политиката, добро ја познава пратеничката практика и процедура, а како предност му се зема и тоа што прв од вмровската група јасно и без двоумење се изјасни дека ќе го бојкотира референдумот.
„Немам коментар“, одговори Милошоски на прашањето дали е точно дека ќе стане трет потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Александар Николоски и со Владо Мисајловски.