Милиони евра за антикомунистички восок, ни денар за жртвите од комунизмот

by Фокус

Текстот е објавен на 11 ноември 2013 година во неделникот „Фокус“.

Пишува
Владо АПОСТОЛОВ

Смрт на фашизмот − слобода на народот! Со партизанскиот слоган завршува пресудата на скопскиот Воен суд, кој во 1952 одлучил дека капетанот на ЈНА, скопјанецот Крсто Кочковски, е виновен и во име на народот треба да одлежи две и пол години строг затвор на Голи Оток.

Виновен бил зашто од средината на 1951 година, па сѐ додека не го уапсиле утрото на 9 јануари 1952 година, пред повеќе воени лица говорел со намера да ја поткопа власта на работниот народ, одбранбената моќ на земјата, економската основа и социјалистичката изградба, и да го разбие братството и единството на тогашна Федеративна Народна Република Југославија (ФНРЈ).

Пресудата, со мали козметички измени, ја потврдил и белградскиот Врховен воен суд во април наредната година.

КОМЕНТАРИ ТЕШКИ ДВЕ И ПОЛГОДИШНА РОБИЈА

Судот сметал дека триесетгодишниот капетан Кочковски ширел непријателска пропаганда меѓу војниците и претпоставените во ЈНА.

На неодреден датум во август 1951 година, откако се вратил од полигонот, во војничката менза имал непријатен разговор со еден потпоручник. Кочковски го убедувал колегата дека Југославија е воено слаба и не може да им се спротивстави на сите држави-членки на Источниот блок.

Според она што стои во пресудата, обвинетиот не се премислил ни кога соговорникот му предочил дека Федерацијата има добра стратешка позиција на Балканот.

Истиот месец, уште еден муабет за земјите-сателити на Советскиот Сојуз бил кобен за капетанот Кочковски. За време на една вежба, тројца поручници дебатирале дека ФНРЈ лесно би ги ликвидирала противниците бидејќи нивните народи се подредени и експлоатирани од Русите, немаат лична слобода и биле терани во концентрациони логори.

Осудениот се дрзнал да каже дека и во Југославија има логори, а судот му го забележал и тоа што во понатамошниот тек на разговорот го фалел животниот стандард на капиталистичките држави.

– Ќе помине долго време за и кај нас да се подобри стандардот – мудрувал Кочкоски, според зборовите на сведоците.

Кога некој ја чита пресудата за капетанот од Скопје, се добива впечаток дека лаф-муабетот во војничката менза бил пресуден тој да одлежи две и пол години на озлогласениот јадрански остров.

Разговарајќи со истиот колега, со кого спорел за стратешката позиција на Југославија, му се пожалил дека не живее добро и се споредил со шефот на воениот ресторан, извесен Угрин.

– Гледај го овој Угрин, живее стопати подобро од нас. Како ти живееш? Немаш ништо, а Угрин има сѐ. Јас сум бил по затвори (н.з. во војната лежел во бугарски затвор), сум бил насекаде, а сега никому не му е гајле за мене − коментирал капетанот.

Спорните забелешки продолжиле и наредните месеци, кога се пожалил дека иако неколку години имал повисок чин, сепак, за него немало ни капут, ни мантил и нервозно рекол дека ќе ја запали продавницата од каде што војниците купувале гардероба.

Кочковски не внимавал што зборува ниту на спортски натпревари бидејќи во една таква пригода забележал поп, поранешен затвореник, за кој капетанот бил уверен дека е непријателски елемент. Свештеникот брзо го пуштиле од робија, а во занданите, коментирал тој, скапувале луѓе кои биле далеку помалку виновни.

Капетанот имал што да каже и откако одреден чиновник на војниците им држел предавање за новиот финансиски систем во раните педесетти години од минатиот век.

– Ма нека си ја е*ат мајката, едно зборуваат, а друго прават − коментирал скопјанецот во доверба пред својот пријател, не верувајќи дека овој муабет ќе стане дел од исказот на сведоците.

 

Goli Otok2

„ТИТО НЕМА ДА ТИ ДОНЕСЕ ЛЕБ“

Економските теми, веројатно, биле дел од секојдневните дијалози меѓу војниците бидејќи судот му забележал на Кочковски оти не верувал ниту во тврдењата дека во 1951 година пазарот во Југославија се стабилизирал. Единаесеттата точка од обвинението против капетанот била за неговите „националистички“ испади бидејќи пред својот колега и другар се исповедал дека не може да добие мебел зашто е Македонец.

– Да сум Србин или Словенец, би добил, Македонците се запоставени – тврдел идниот голооточанец.

На неутврден датум во октомври 1951 година, во селото Бардовци, пред бараката во која била сместена неговата единица, Кочковски со коментарот го изненадил својот колега. Имено, соговорникот му кажал дека најверојатно маршалот Јосип Броз Тито ќе дојде во Скопје за празникот 11 Октомври, додека овој, удирајќи се по ногата, рекол:

– Будало една, Тито нема да ти донесе леб или нешто друго за јадење!

Во образложението на пресудата стои дека обвинетиот уште од порано почнал да негодува, но од средината на 1951 година отворено застанал на позициите на предавниците на својот народ и како таков почнал да шири непријателска пропаганда.

„Истиот не можел да ја сфати големината на борбата која нашите народи, предводени од КПЈ на чело со другарот Тито, ја водат против информбировските агресори и другите непријатели на нашата земја за изградба на социјализмот, независноста, слободата и рамноправноста. Притоа, им приоѓал на наведените сведоци, со кои добро живеел, со цел кај истите да создаде несигурност во поглед на одбранбената моќ на земјата против информбировските агресори, на чело со СССР.

И кај истите сакал да всади сомнеж дека можеме да изградиме социјализам, во што бил осамен и откриен“, стои во образложението на пресудата, каде што се потенцира тежината на неговото дело со оглед дека бил припадник на ЈНА и ја погазил заклетвата.

Неговиот син, 56-годишниот скопјанец Михајло Кочковски денес тврди дека татко му девет месеци бил притворен во самица, додека три месеци неговото семејство не знаело воопшто што се случува со капетанот.

Во времето кога бил затворен, Крсто Кочковски живеел со невенчаната сопруга и со малолетната ќерка, а девојчето за време на неговата казна завршило во дом за деца без родители бидејќи мајката сериозно се разболела.

– Кога излегол од затвор, си ја вратил ќерката, а подоцна ја сретнал мајка ми со која, покрај мене, има уште една ќерка – зборува неговиот син Михајло.

Затвореникот од Голи Оток не сакал да зборува за годините поминати на робија и сѐ што има раскажано е дека се случувало затворениците да ископуваат камен и да го носат 500 метри, а другиот ден да го враќаат назад.

– Викаше дека, иако лежел затвор и во српско и во бугарско, немало полоши зандани од нашите. Не зборуваше многу, беше строг татко, ама една работа ми порача. Ми рече никогаш, ама воопшто, да не се занимавам со политика и јас го послушав – вели синот на капетанот.

ШТО СЕ СЛУЧИ СО РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА НА ЖРТВИТЕ НА КОМУНИЗМОТ?

Според зборовите на Михајло Кочковски, неговиот родител во Втората светска војна учествувал во организацијата на атентатот врз бугарскиот началник Емануел Мачков, случка за која е снимен филмот „Истрел“, во режија на Бранко Гапо, по сценарио на писателот Димитар Солев.

Откако се вратил од Голи Оток, Кочковски се вработил како домаќин во скопскиот Дом за слепи лица.

Никогаш повеќе не прозборел за политика, во 1959 година се вратил во Комунистичката партија, завршил Правен факултет и се вработил во градежната фирма „Бетон“, но војската не му го вратила орденот за херојство. Умрел во 1973 година на 51 година.

– Иако веќе не зборуваше за политика, сѐ до неговата смрт, кога и да дојдеше Тито во Скопје, го собираа во полициска станица – се присетува неговиот наследник.

Михајло Кочковски минатата година ја тужел Република Македонија за надомест на штета бидејќи татко му одлежал две и пол години на Голи Оток и барал приближно 110.000 евра. Судот ја отфрлил тужбата со образложение дека наместо судска такса од 47.000, тој платил само 1.000 денари.

– Невработен сум и немам повеќе пари за давање. Верувам дека со закон за рехабилитација на жртвите од комунизмот полесно ќе можеме јас и мојата фамилија да бидеме обесштетени. Такви закони имаат и во Хрватска, Словенија и во Србија − вели тој.

Србија минатата година за првпат ги обесштети затворениците што лежеле на Голи Оток, и на 15 рехабилитирани затвореници им исплати вкупно околу 120.000 евра. Таму целиот процес се одвива преку посебна комисија во Министерството за правда, која одлучила да исплаќа по седум евра за ден поминат во зандана.

Најниската отштета од 2.400 евра ја добила жена што лежела една година, додека највисоката ја добил затвореник кој бил на Голи Оток од 1949 до 1956 година и за неговите 2.920 дена зад решетки добил отштета нешто повисока од 17.000 евра.

И во македонското собрание, при донесувањето на Законот за лустрација во 2008 година, се говореше за слична регулатива, а парламентарното мнозинство, кое е исто до ден-денешен, начелно се согласи со оваа идеја на Стојан Андов.

– Кога бев пратеник во последниот мандат, од 2008 до 2011 година, се понудив да учествувам во подготовката на таков закон, но владата и пратеничкото мнозинство на чело со ВМРО-ДПМНЕ ми рекоа дека моето учество не е неопходно и оти Министерството за правда ќе работи на регулативата – вели поранешниот пратеник и екслидер на Либералната партија.

„Фокус“ се обрати до Министерството за правда и праша дали воопшто овој ресор размислува или веќе работи на ваков закон, но до затворањето на овој број на неделников не добивме никаков одговор.

13 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ВОСОК, НУЛА ДЕНАРИ ЗА ЖРТВИТЕ

Наследникот на Коста Кочковски вели дека нема многу луѓе што би барале отштета по оваа основа, и дека станува збор за одвај стотина семејства кои имале некој што лежел на Голи Оток, но веројатно е поголема бројката на сите политички затвореници за време на СФРЈ.

Во независна Македонија, како единствен случај на рехабилитиран затвореник се води Методија Андонов-Ченто, чија пресуда ја отфрли судот веднаш откако Македонија прогласи независност од СФРЈ.

Според нашите информации, фондацијата што го носи името на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, по судскиот процес долг 17 години добила скромно обесштетување зашто Ченто поминал во затвор речиси цела деценија.

Во меѓувреме, Министерството за култура инвестираше нешто повеќе од 13 милиони евра, според владиниот отчет, за Музејот на македонската борба, во чиј состав се наоѓаат и восочните фигури од Музејот на жртвите од комунизмот. Сосема друго прашање е колку пари и енергија потроши и процесот на лустрација, кој, според многумина, морал да се води паралелно со рехабилитацијата на комунистичките жртви и нивното обесштетување.

Најверојатно, зајакот лежи во фактот дека со отворањето на овој проблем ќе се предизвика ефектот на Пандорина кутија, кој ќе отвори уште куп нерешени прашања, како што се политичките затвореници-Албанци и воопшто целиот процес на дефинирање, броење и на исплаќање на комунистичките жртви!

tito

Иронија
СЛИКА ОД ТИТО НА ЅИДОТ!

Во домот на Михајло Кочковски, во скопско Лисиче, на ѕидот, веднаш над телевизорот, виси портретот на Јосип Броз-Тито, што тој самиот го нацртал. Синот на капетанот вели дека, иако татко му лежел во времето на маршалот, сепак, за него животот во Титова Југославија бил добар!

Закон за лустрација
УСТАВНИОТ СУД ЗАГЛАВИ КАЈ СТЕНОГРАМИТЕ

Уставниот суд не може да закаже седница за Законот за лустрација бидејќи судиите сѐ уште ги чекаат стенограмите од подготвителната средба, која се одржа во мај годинава, дознава „Фокус“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и познатиот уривач на закони, Стамен Филипов, лани во септември побараа Уставниот суд да ја оцени уставноста на дел од одредбите на третата верзија на Законот за лустрација.

За Хелсиншки спорно е тоа што со Законот се лустрираат и функционерите што работеле по 1991 година, како и тоа што се објавуваат имињата на соработниците без судски налог, само со одлука на Комисијата за лустрација. Спорна е и лустрацијата на поранешни функционери, меѓу кои има и починати луѓе.

Во март Судот одржа седница на која беше договорено да има подготвителна средба, пред онаа на која ќе се носат одлуките. Подготвителната средба се одржа во мај, а сѐ уште нема закажано нова седница!

Дознаваме дека проблем се стенограмските белешки, кои не стигнале до Уставниот суд, а кои редовно за Судот ги прави владината Служба за општи и заеднички работи. Стенограмите од 21 мај 2013 година, владината служба сѐ уште не ги испратила до судот!

Од друга страна, Управниот суд, и по повеќе од една година, нема пресуда по жалбите на лустрираните што ги утужија решенијата на Комисијата за верификација на фактите, и покрај фактот што Законот бара судот за овие случаи да одлучува по итна постапка!

Поврзани новости