Милевски: Пописот не е политика!

by Fokus

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски смета дека нема простор за одложување на пописот и оти сите треба да покажат максимална посветеност и одговорност оваа статистичка операција да се спроведе согласно стандардите на Еуростат, затоа што, како што вели, само така податоците ќе ни бидат од корист.

-И покрај обидите за политизација на пописот уште пред да започне, секој добронамерник и одговорен граѓанин на оваа држава има обврска да го почитува законот и да овозможи пописот да се спроведе на најдобар можен начин, рече Милески на вчерашната средба што се одржа со градоначалниците во Собранието организирана од страна на Државен завод за статистика, наменета за Пописот на населението, домаќинствата и становите, 2021.

Според него согласно Законот, на единиците на локалната самоуправа им е дадена голема одговорност: обезбедување на простории за работа на комисиите на пописните реони, предлагање на членовите на пописните комисиите, а претседатели на комисиите ќе бидат секретарите на општините каде што е седиштето на пописниот реон.

– Пред сите нас е огромна одговорност, затоа што како носители на високи јавни функции сме исклучително свесни што значи за една држава да нема спроведено попис 19 години. Да обезбедиме пристап до јавните услуги-здравство, образование, социјална заштита, за сите граѓани, да го планираме развојот и изградбата на комуналната и на социјалната инфраструктура согласно потребите, патишта, водоводи, училишта, детски градинки. Да создадеме услови бизнис заедницата да може да ги донесува одлуките врз основа на реални податоци за расположливите ресурси, порача Милевски.

Поврзани новости