Милевски: Додека Груевски и ДПМНЕ градат споменици, младите секојдневно се иселуваат од Македонија

by Фокус

Иванов за германските медиуми изјави дека Европската унија нé лажела и манипулирала 25 години. Иванов е најдобар кога молчи затоа што кога прозбори, нè скара со цела Европа. Му порачуваме да продолжи да си молчи, затоа што импичмент за вакво однесување не му бега, порача Горан Милевски, претседател на партијата синоќа на програмската конвенција, под мотото „Има избор. Овде и сега“ што ја одржа Либерално-демократската партија во Македонската опера и балет.

– Додека Груевски и ДПМНЕ градат споменици, младите секојдневно се иселуваат од Македонија. Даваат привилегии за странските инвеститори, а од друга страна, ги малтретираат и рекетираат домашните фирми. Трошат пари за барок споменици и скулптури, а земаат кредити за плати и пензии. На пензионерите им треба стабилна пензија, а субвенциите да одат кај вистинските земјоделци. Новата влада ќе инвестира во инфраструктурата и во обновливи извори на енергија – порача Милевски.

Пред присутните се обратија Даниел Кадик, директор на германската фондација „Фридрих Науман“ за југоисточна Европа и Ханс ван Баален, европратеник и претседател на АЛДЕ – Европската алијанса на либерали и демократи, кои се осврнаа на проблемите со кои се соочува државата, меѓу кои и, предизвиците за воспоставување на владеење на правото.

– Тоа што јас сум вечерва тука заедно со останатите меѓународни претставници, е само доказ за тоа дека погледот на либералите од светот е свртен кон Македонија и кон ЛДП. На Македонија и требаат независни судски органи и слободни медиуми. Порачуваме ВМРО-ДПМНЕ конечно да престане со притисоците врз СЈО, а секој оној кој работел спротивно на законот, да одговара пред истиот – рече ван Баален на конвенцијата.

Свои обраќања имаа и претседателите на партискиот подмладок и на Форумот на жени, кои ги потврдија заложбите за достоинствен живот, родова еднаквост и решавање на проблемот со иселувањето на младите.

Поврзани новости