Миле Јанакиески е новиот претседател на Комисијата за кадровски прашања во ДПМНЕ

by Фокус

Неофицијално, Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски е новиот претседател на партиската Комисија за кадровски прашања на ВМРО-ДПМНЕ. Јанакиески на оваа позиција доаѓа на местото на министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Во јавноста се вртат муабети дека повеќе членови на општинските комитети не биле задоволни од изборот на новиот кадровик што ќе ја предводи комисијата. Тие остро реагирале на изборот на Јанакиески, сметајќи дека тој не заслужува да ја заземе оваа позиција. ВМРО-ДПМНЕ на официјалната страна на партијата ги има објавено партиските комисии и нивните претседатели, меѓутоа Комисијата за кадровски прашања не постои.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со Илија Димовски, кординаторот на пратеничката група, но тој не одговараше на нашите телефонски повици.

Јанакиески скоро девет години беше прв човек на Министерството за транспорт и врски, кој на министерското столче седна од 2006 година, од доаѓањето на „вмровците“ на власт. Тој беше еден од најверните сенки на премиерот Никола Груевски. Јанакиески поднесе оставка од функцијата пред неколку месеци, откако во јавноста лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги обелодени „бомбите“. Во објавените аудио-снимки, како што тврдеше Заев честопати можеше да се слушне името на Јанакиески, кој наводно учествувал во изборните местенки, продажбата на парцелите на Водно, рушењето со динамит на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски… Против него, опозицискиот СДСМ поднесе 12 кривични пријави до Јавно обвинителство.

Поврзани новости