Адвокатот, Еленко Миланов, смета дека предметот на СЈО под кодното име „Империја“ може да прерасне во обвинение само доколку продолжи да го работи друго јавно обвинителство, односно доколку опозицијата и власта се договорат за нов Закон за јавно обвинителство кој ќе овозможи продолжување на истрагите на СЈО.

Предметот „Империја“ е повторно во очи на јавноста откако протекоа информации дека кривичната пријава против менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски, е поднесена од страна на осомничен во овој предмет. Како што соопштија од Јавно обвинителство, од осомничениот во „Империја“ бил баран поткуп во износ од 8 милиони евра за СЈО да ја стопира постапката против него, или 5 милиони евра за постапката да биде олеснета.

Адвокатот Миланов посочува дека истрагата за „рекет“ не може суштински да му наштети на предметот „Империја“ бидејќи беше урнисан по начелното мислење на Врховниот суд.

-„Империја“ немаше шанси да продолжи по мислењето на Врховниот суд, предметот во оваа фаза е пропаднат. Може само ново обвинителство со нова постапка што ќе ја отвори да продолжи со истрагата. И без ова што се случи вчера „Империја“ немаше можност да продолжи пред ова обвинителство – вели Миланов.

„Империја“ е инаку истрага против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Осомничените се товарат дека кривичните дела ги сториле во периодот од 2002 година до 2013 година.

Осомничен во овој предмет е сега соработник на правдата откако го пријавил Бојан Јовановски пред Јавното обвинителство.

М.В.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.