Мила Царовска: Заинтересираните нека истражуваат за шалот, јас работам на дебата за реформите во образованието!

by fokus

Синиот шал на министерката за образование Мила Царовска, за кој во одредени медиуми се појавија тврдења дека изнесува околу 300 евра и е од луксузниот моден бренд Гучи, се уште ја бранува јавноста.

Дали навистина се работи за модел кој се продава по цена речиси колку една работничка плата, или пак е само копија на оригиналот, нешто кое не може едноставно и со сигурност да се утврди според објавените фотографии, во случајов стана занемарливо, па критиките на сметка на Царовска, дека покажува елитизам во земја каде добар дел од населението едвај врзува крај со крај, не престануваат.

Се објавуваат фотографии од Гучи шал делумно сличен како на Царовска, кој се продава на интернет страницата Joly Closet, позната како продавница за употребувана брендирана гардероба, со истакната цена од 265 евра.

На интернет страницата на брендот пак, најблиските дестинации од каде може да се купи специфичниот шал со монограм на модната куќа преку интернет се наоѓаат во Турција и Романија. Цената по која се продава ова модно парче е 450 евра и е достапно во три бои – кафеава, црвена и виолетова. Во сина боја, како на министерката, нема истакнато за продажба.

На прашањето на ,,Фокус” дали се работи за оригинал на луксузниот бренд, добра копија или пак евентуално шалот е подарок, министерката вели дека секогаш стои на страна од такви информации.

-Оставам да истражуваат заинтересираните, додека јас имам голема обврска да работам на дебата за реформа во основно образование. Тоа е клучно за децата, како и за иднината на државата – кратко ни изјави Царовска.

Прашањето – оригинал или добра копија му беше поставено и на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски лани во февруари, кога среде интервју на премиерот Зоран Заев сакаше да му подари паричник со логото на брендот Луј Витон, којшто се продава по цена од 440 долари на официјалната страница на модната куќа.

Откако ,,Фокус” објави дека најблиска дестинација од каде може да се купи специфичниот Луј Витон паричник е Будимпешта, Мицкоски јавно се изјасни дека не патувал во Будимпешта и истиот го купил за 200 денари од Бит Пазар.

Вики Клинчарова

Поврзани новости