Мијалков: Стојам на зборот дека нема да бегам!

by fokus

„Стојам на зборот дека нема да побегам“. Ова пред судиите во Апелација денеска го вети екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој бара да му биде укинат притворот, кој му беше досуден по пресудата за случајот „Титаник 2“, а со која беше осуден на три години затвор.

-Би сакал да ја рефреширам меморијата дека под истата околност веќе предложија мерка притвор за мене, а овој суд не ја прифати и ми определи други мерки кои јас во изминатата година и пол ги почитував, рече Мијалков.

Тој во Апелација зборуваше и за својот имот во Чешка.

-Ќе потсетам на тие околности, мојот имот во странство, престојот во Чешка, наводните мои контакти, другите постапки против мене. Овие околности ги имаше и тогаш и сега. Тогаш пред овој суд дадов збор дека нема да помислам на бегство. Поминаа скоро две години такво нешто нема. Јас на тој збор и денес стојам, рече Мијалков.

Апелационите судии во наредните денови ќе треба да донесат одлука дали ќе ја прифатат жалбата на Мијалков и ќе го пуштат да се брани од слобода, или ќе остане во истражниот затвор „Скопје“.

Поврзани новости