Мијалков со лозинката „директор“ слушал нелегални разговори од канцеларија, завршен збор на обвинителството за „Таргет и Тврдина“

by fokus

Денеска во Кривичниот суд обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов ги даваат завршните зборови за случајот „Таргет и Тврдина“, односно за масовното незаконско прислушување во УБК, од 2008 до 2015 година.

Тие во детали појаснија како се вршело нелегалното прислушување во УБК, како биле обезбедени доказите, потсетувајќи и на дел од сведочењата на сведоците, кои работеле во Управата.

Обвинителите и во завршниот збор останаа на тврдењето дека тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од својата канцеларија директно можел да слуша разговори кои нелегално биле прислушувани, односно без судски налог.

-Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, а имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата е Сашо Мијалков, појаснија обвинителите.

Завршниот збор е во тек.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

В.В.

Поврзани новости