Миа Костова потврди дека згасна емисијата ,„Бекстејџ’’: Ме боли секое ковче, толку ќе ми недостига!

by fokus

Популарниот телевизиски естраден магазин ,,Бекстејџ’’ нема повеќе да се емитува. По девет години во етерот, емисијата која што дури два пати беше прогласена за супербренд во Македонија, згасна.

Информацијата ни ја потврди Миа Костова, водителка и заштитно лице на магазинот.

,,Немам детали, ништо не знам. Не информираше одговорната уредничка Јулија Цветковска и сопствениците на продукцијата. Никаква причина не ни кажаа, едноставно ,,Бекстејџ’’ згасна. Во шок сум!’’ – ни одговори таа на прашањето зошто една од најпопуларните забавни емисии кај нас оди во историјата.

Набргу потоа, Костова се огласи и на својот Фејсбук профил и ја потврди веста која што уште рано утринава се прошири низ естрадните кругови.

,, Не затоа што беше мој, не затоа што пораснав со него, туку едноставно затоа што беше единствен таков и баш затоа издржа машки скоро 9 години. Ме боли секое ковче, ете толку многу ќе ми недостига. Ќе ми недостигаат и сите што беа дел од него сите овие години. Секој ден ќе се надевам дека ќе ми се врати еден убав ден, подобар од било кога. Збогум љубов, те чувам во срце, засекогаш!’’ – напиша водителката.

Покрај Миа, дел од екипата на ,,Бекстејџ’’ беа и Мартина Михајловска, Николина Славковска, Кристина Петровска, Елеонора Лозналиева, Ева Јакимовска, Даница Караташова, Марио Наумовски, Андреј Игњатовски, Дејан Дојчиновски, Владимир Стојановски, Александар Блажевски и Петар Наумовски. Емисијата се емитуваше на ТВ Алфа, а пред тоа од 2008 до 2013 на ТВ Сител, и од 2013 до 2015 на МРТ. За продукцијата и реализацијата беа задолжени од Продукција Сцена ДОО Скопје.

Освен што два пати беше прогласен за супербренд, ,,Бекстејџ’’ освои Златна Бубамара на популарноста за најдобра ТВ емисија во 2008 и 2009 година, и за најдобар ТВ проект во 2010 година.

Уредничката Јулија Цветковска не беше достапна за коментар, а од продукцијата се уште немаат излезено со официјално соопштение за јавноста.

Вики Клинчарова

Поврзани новости