МИА и ССНМ потпишаа Колективен договор, работното време отсега 36 часа

by Fokus

Намалено работно време од 36 часа неделно, платени дополнителни ангажирања, регулирано ноќно работење, загарантирана слобода на информирање, но и заштита на МИА од партиска пропаганда и навреди што би ја загрозиле репутацијата на Агенцијата, предвидува Колективниот договор што денеска беше потпишан од АД Медиумска информативна агенција – МИА и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници – ССНМ.

Според директорот на МИА Драган Антоновски, во моментов ова е најдоброто решение.

– Може да се постигнуваат големи успеси со задоволни новинари кои ги имаат своите права, очекувам дека како МИА ќе добиеме поголема ефикасност и ќе бидеме подобри од тоа што сме, истакна Антоновски.

Нагласи дека секогаш може да се направи подобро, а тоа ќе биде, како што рече, откако договорот ќе се спроведе практично и кога ќе почне неговата имплементација.

За в.д.претседателот на ССНМ Ѕведан Георгиевски ова е историски момент за МИА и за Синдикатот, бидејќи овој е прв колективен договор што го склучуваат и двете страни.

– Се надевам дека многу брзо добивките од овој договор ќе бидат видливи, не само за вработените туку и за раководството на МИА, дека ќе стане добар пример што ќе го следат и другите медиуми за да дојдеме до нашата дефинитивна цел на колективен договор на ниво на гранка, истакна Георгиевски.

Договорот, посочи в.д. претседателот на ССНМ, е гарант дека без членовите на Синдикатот нема да може повеќе да се чепка по правата на новинарите или, пак, да се направи нешто без нивна согласност.

Поврзани новости