Мешетарот Миленко и моралната агонија

by fokus 10:19
10:19

Пишува: Александар ТОРТЕВСКИ

Деновиве во медиумите беа јавно објавени факти дека личниот пријател на поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, таканаречениот новинар Миленко Неделковски членува во 8 владини работни групи, меѓу кои и работна група за борба против корупцијата и за фискална дисциплина. Оваа вест можеби најдобро ја отсликува моралната агонија и состојбата во која западна државата благодарение на паниката во која западнаа луѓето што ја водат и кои се во состојба од Македонија да го извлечат последниот денар и да го поделат на нивните послушници за каква било јавно искажана поддршка.

- Advertisements -

Познатите мешетари од типот на Миленко многу добро знаат да ги наплатат сопствените услуги, особено што знаат дека „работодавците“ не плаќаат со нивни пари, туку дебелите хонорари се исплаќаат со народни пари од буџетот на државата. Инаку, „експертот“ Миленко, пред неколку години беше осуден за измама на голем број граѓани на кои им беше ветил канадски визи, а деновиве се прослави со изјавата дека земјата не е тркалезна, туку дека е рамна плоча.

Во свои раце дотичниот ги зема и меѓудржавните односи меѓу Бугарија и Македонија, со тоа што со токмак го искрши спомен-обележјето поставено на Кајмакчалан со кое беше обележано местото на кое во Првата светска војна загинале голем број бугарски војници.

За неговото ангажирање во владата како експерт од доменот на корупцијата и фискалната дисциплина можам и да имам разбирање бидејќи се работи за проверен „експерт“ од тие области, како и од областа на географијата. Меѓутоа, никако не можам да се помирам со фактот што нашиве владетели му дале ексклузивно право да ги нарушува државните односи меѓу Македонија и Бугарија.

Уште помалку тоа да го прави со рушење на нешто што секаде во светот се третира со огромна почит, а тоа е споменик на загинати војници, кои на тоа место се нашле и загинале, најчесто спротивно на својата волја. Во нашиве краишта најчесто и присилно мобилизирани и натерани да облечат униформи на државите што сакале да откинат што поголем дел од Македонија.

Во битките на Кајмакчалан и т.н. Солунски фронт, а претходно и во Балканските војни, десетици илјади Македонци биле присилно регрутирани и ги оставиле коските на боиштата облечени во туѓи униформи. Многу често, членови на исто семејство се наоѓале на спротивставени страни и во различни униформи и војувале едни против други, а ниту сакале и ниту знаеле зошто се борат. Едноставно присилно биле мобилизирани и одбивањето на присилната мобилизација значела сигурна смрт, а од противничките куршуми имало шанса и да се преживее.

Впрочем, неповторливиот Петре М. Андреевски, во колосалниот роман „Пиреј“ најдобро ги опишува токму овие настани. Козарот и владин советник Миленко, пред да го урива споменикот, требало да го прочита „Пиреј“ и да се информира дека под него всушност лежат коските на илјадници Македонци присилно мобилизирани од страна на бугарската војска. Како илустрација за трагичната судбина на македонскиот народ во тие времиња можеби најдобро сведочи надгробната плоча на гробот на Лисковски Петко од с. Могила, која ја објавувам како дел од оваа колумна.

14593674_1253703624692827_924228200_n

Ако фразата една слика илјада збора се однесува на нешто, тогаш тоа е оваа слика Ако Македонецот во минатото бил угнетуван и прогонуван од странски војски, во поновата историја нашата млада елита и иднина си заминува како резултат на владеењето на одродената и аздисана мафија, која од Македонија направи приватна држава.

Деновиве на Твитер беше објавена фотографија на едно семејство наши млади интелектуалци кои заедно со две прекрасни дечиња со иселенички визи во рацете чекаат на пасошка контрола за влез во Нов Зеланд. Се работи за доктори на науки, кои докторирале на Кембриџ, но за нив нема пристојна работа во Македонија. Нивното место го заземаат Латас, Оливер Андоновски, Миленко и слични на нив. Тие се скапо платени да ѝ даваат поддршка на бандата криминалци што ја водат државата. За младите доктори на науки од Кембриџ нема место во денешна Македонија предводена од Никола Груевски, а дали така ќе остане – вие ќе одлучите на 11 декември.

Поврзани новости