Мерко да им се извини на питачите и собирачите на железо во три медиуми, бара КСЗД

by fokus

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко да се извини во јавноста до граѓаните со социјален статус „питачи“ и „собирачи на железо“ во најмалку три јавни медиуми, препорачала Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за неговата изјава дека ќе ги депортира питачите од Струга.

Комисијата соопшти дека утврдила вознемирување врз основа на раса, боја на кожа, национална и етничка припадност, припадност на маргинализирана група и имотен статус од страна на Мерко кон група на граѓани откако претставка за ова поднел Европскиот центар за правата на Ромите од Брисел.

-Изјавата на Мерко со закани и најавена депортација на луѓе кои питачат на подрачјето на Струга е дискриминаторска и согласно Законот за локална самоуправа, градоначалникот нема овластувања да депортира и протерува граѓани, реагирале од Центарот.

Комисијата побарала одговор од Мерко кој тврдел дека во неговата изјава, пораката за депортација е упатена до МВР, како орган надлежен за легитимирање и движење на лицата кои се дојдени во градот да питачат. Сепак, тој во одговорот на претставката се извинил до сите кои се препознале во неговата изјава.

– Комисијата утврди вознемирување поради упатената изјава на градоначалникот за депортирање на граѓани со социјален статус: ,,питачи”, ,,собирачи на железо” и ,,досадни”. Имајќи предвид дека функцијата градоначалник е јавна функција, неговите изјави допираат до голем број граѓани, вклучувајќи и граѓани кои се препознаат во намерата на градоначалникот што предизвикува дополнителна тежина на вознемиреност. На градоначалникот Мерко му се препорачува да се извини во јавноста до граѓаните со наведениот социјален статус „питачи“ и „собирачи на железо“ во најмалку три јавни медиуми, соопштуваат од Комисијата.

Мерко изјави дека питачењето во Струга пред почетокот на летната сезона е голем проблем и најави дека питачите ќе се отстрануваат од улиците и ќе се враќаат во нивните места на живеење бидејќи доаѓаат од други градови и ја грдат сликата на Струга како туристички центар.

-Ниеден не е од Струга. Доаѓаат организирано од други градови. Мажите собираат старо железо, а жените и децата се на улица и бараат пари. Навистина се досадни за граѓаните кои седнале да пијат кафе, ручаат или да јадат благо или да прошетаат по градот. Сите се вознемирени со оваа ситуација, изјави тогаш Мерко.

Ако Мерко не постапи по препораките, според Законот, Комисијата поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости