Меркел се збогуваше со ЦДУ

by fokus

Германската канцеларка Ангела Меркел во последното обраќање како лидер на владејачката Христијанско демократска унија (ЦДУ) на партиската Конференција во Хамбург се поздрави со сопартијците со емотивен говор во кој рече дека и било чест што имала можност 18 години да биде на чело на партија.

– Сакам да Ви се заблагодарам, ми беше голема чест. Сега е време да отвориме ново поглавје, рече Меркел.

Таа беше поздравена со деветминутни овации на почетокот на Конференцијата, на која треба да биде избран нејзин наследник на функцијата партиски лидер.

Како што јави ДПА, делегатите на Конференцијата кренаа банери со натпис „Благодариме шефе“ („Danke Chefin“), додека Меркел го држеше својот последен говор во својство на партиски лидер.

Во своето обраќање, Меркел се осврна и на се посилната десница во ликот на антимигрантската партија Алтернатива за Германија (АФД), истакнувајќи дека тоа што ги карактеризира демохристијаните е што се разликуваат од другите, но никогаш никого не понижуваат.

– Ние демохристијаните понекогаш се караме, но никогаш не сееме омраза против други и не ги понижуваме другите луѓе, рече Меркел, додавајќи дека ЦДУ секогаш им служи на граѓаните на Германија.

Во однос на лошите резултати во истражувањата на јавното мислење, Меркел апелираше до партиските колеги да се погрижат ЦДУ да покаже што знае.

– Нашата ЦДУ денес е поразлична од таа во 2000 година и тоа е добро. ЦДУ во 2018 година има право да гледа во иднината со нови структури, но со истите вредности што ги застапува, рече Меркел.

Поврзани новости