Пандемијата на корона вирус дава шанса за нов поредок во светската политика, сметаат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како и други светски политичари.
„Светот ќе биде поинаков по пандемијата“, рекоа Меркел и Макрон во написот објавен во Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЗ).
Актуелната криза, според нив, дава можност да се постигне консензус за меѓународниот поредок преку ефикасна соработка, солидарност и координација, односно поредок што ќе се потпира на мултилатерализам и владеење на правото.
Покрај Меркел и Макрон, текстот го потпишаа и претседателот на Сенегал Маки Сал, како и генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел .
„Кризата со Ковид-19 е најголемиот тест за светска солидарност“, подвлекуваат тие, додавајќи дека и само едно место во светот да е погодено од овој вирус, тогаш сите луѓе и економии ширум светот се загрозени. Од тоа, посочуваат тие, потребно е да се извлечат поуки за идните кризи.