Мери Георгиевска: Да го вратиме мирот во нашите животи

by Фокус 12:27
12:27

Сценограф, костимограф, но и академски графичар. Нејзината кариера е богата. Има изработено над стотина костимографии и сценографии на македонските театарски сцени, како и во театрите во Србија, Хрватска, БиХ и во Бугарија. Паралелно со оваа кариера, ја испроба и опцијата медиумски работник. Има спакувано над 60 интервјуа за нејзиното  списание, кое, за жал, го стави во мирување.

Мери Георгиевска по професија е академски графичар, која ги заокружува докторски студии на ФДУ. Во нејзиното портфолио има и две магистратури, една по дизајнерски науки, една по уметност на менаџмент и продукција. Во нејзината душа, пак, има простор само за вистината. Тоа не ја колеба да го искаже ставот, дури и кога опкружувањето има различна перцепција за реалноста. За неа важно е да љубиш, но и да ја препознаваш вистината и секогаш да се соочиш со неа.

- Advertisements -

Емотивноста на Ракот, топло ја спакува позади убавата насмевка со која несебично нѐ дружеше во текот на целата прошетка во Скопје Сити Мол.

Понесени од нејзините познавања, со кои други би се расфрлале, а таа интимно ги чува, тргнавме љубопитно по нејзините стапки. Како и кај секој кој астролошки му припаѓа на Ракот, важно е да љубиш, но и да ја препознаваш вистината и секогаш да се соочиш со неа.

ФОКУС: Вашите пријатели и соработници ве опишуваат како силна и одлучна дама, која точно знае што сака. Таква ли е Мери навистина?

ГЕОРГИЕВСКА: Им благодарам на моите пријатели и соработници, пред сѐ. Знаете, во „Аферата Елсинор“ има една реплика на кралицата Гертруда, која вели: „Слаба сум колку што сум жена и жена сум колку што сум слаба“. Јас за мене би рекла: „Силна сум колку што сум жена и жена сум колку што сум силна“.

Ние ја препознавме како женствена и нежна дама, која внимава на себе. Па, токму затоа, во нашата прошетка низ Скопје Сити Мол вклучивме две сигурни места кои се наоѓаат на нејзината шопинг-листа, „Најн Вест“ и „Пи Ес“.

ФОКУС: Имавте прекрасна честитка со која на сите им посакавте убавини во 2014. Во неа меѓу другото напишавте: Празниот ум ќе нѐ остави празни. Нашиот УМ е тој што ќе треба да ги смени правилата. Дали ќе се затворите во дрвеното кутивче на вашата комфор-зона или ќе се отворите кон ВИСТИНАТА. Па, лесно ли е човек постојано да ја бара вистината? И дали таа може да има различно толкување во зависност од приодот?

ГЕОРГИЕВСКА: Не е лесно. Ништо не е лесно. Минуваме низ најчудниот период во нашите животи.

И да, живееме во страв. Страв од војна. Страв од астероиди, страв од глад, страв од Фокушима, страв дека нема да можеме да преживееме, страв дека ќе ја изгубиме љубовта, страв од старост, страв од изгубена младост, страв дека нема да ги платиме сметките. Има толку многу страв. Страв дека човештвото нема да опстане. Страв дека сте болни од нешто. Страв од промени. Страв од стравот. Тоа го напишав и како што гледате стравовите се сѐ поголеми.

Овие стравови се само сигнали за расчистување на истите. Сметам дека доаѓаат времиња во кои заеднички треба да ги надминеме овие стравови, да се прочистиме и да се убедиме во силата, моќта и во добрината на човекот. Да преземеме чекори, нешто од типот – чистење на духовниот кариес. Да ги исфрлиме стравовите и да дејствуваме. Да се запрашаме дали ни е помил стравот или помила љубовта? Да дејствуваме кон зголемување на самочувствието во полза на нас самите и нашиот Идентитет.

Само така, без страв, ќе се искачиме колективно на местото каде што припаѓаме. Поединечно и колективно како нација која дише како еден организам во нашата Македонија. Потребно е да сме многу јаки, упорни, зошто од човекот нема ништо посилно, и надокрај Љубовта е сѐ.

Би сакала овој чуден период со силата на нашето постоење да го престориме во чудесен.  Да доживееме летот до нашата дестинација да не биде лет во место, туку да биде лет кон нашите поединечни цели во корист на колективната цел и свест.

Се изложивме и како поединец и како група и како народ и како држава, па ако сакате и како човештво на сѐ што ни беше понудено.

Живееме време кога не човекот, не државите, туку светот и ние на колективно ниво процесираме. Сѐ со цел да ја добиеме поголемата слика и поубавата, се разбира.

Се прашувам дали дојде време да се соочиме со долгот кој самите си го должиме на себеси? А, тоа е мирот во нашите животи конечно. 

Перцепцијата е сѐ. Светот е перцепција. Но, дали ние луѓето перцепираме коректно? Како се идентифицираме и како поединец, и како народ, и како држава, и како колективна свест? Битно е како го перцепираме нашиот внатрешен свет, со кој неретко е тежок и страшен да се носиме. Која е нашата – човечката перцепција за тоа како да ги надминеме старите цврсти убедувања, кои сѐ повеќе и повеќе се засновани на вербата во она во што сме се навикнале да веруваме.

Сите ние сме современици и соучесници во оваа промена на игри. Едни од страв, едни од удобност, едни од недоветност, едни од немоќ, други од моќ, едни од што многу верувале во приказната за златната рипка, едни кутри млади и најмили кои се родиле дишејќи мрежа, наместо надеж уште во утробите на нивните мајки, останувајќи цврсто вмрежани во нивните кревети, заборавајќи да пишуваат ракописно на својот мајчин јазик.

Човекот сам ја избра лагата – сопственото ропство. Сега се прели чашата.

Тој, човекот, на почетокот на 21 век избра да биде „херој“, „љубовник“ или „убавица“ на социјалните мрежи наместо „херој“ , „љубовник“ и „убавица“ на улица. Ја избра Лагата пред Вистината. И притоа поверува дека ќе биде слушнат неговиот збор. Така му беше полесно. Е, па сега сите заедно ќе ги сносиме последиците. Но, не прифаќам да се носиме со последиците. Имам чувство дека универзумот веќе подолго време ни соопштува: „Промени се, во спротивно јас ќе те променам“. Барем јас така го чувствувам овој тивок, а моќен шепот од космосот. Сигурна сум дека и вие чувствувате слични вибрации.

Многу често ми се врти прашањето дали ние луѓето имаме капарисано повеќе животи, па толку неодговорно се однесуваме кон себеси пред сѐ, кон нашите идоли, љубови, идеали, деца, кон татковината, кон планетава во овој наш единствен живот?

Ќе ги отвориме ли нашите верувања веќе еднаш? Ќе се фокусираме ли на надворешниот свет или ќе се фокусираме кон задоволување на животинските нагони? Ќе живееме во лага или во вистина?

Јас лично цврсто верувам и ќе продолжам да верувам дека доколку се идентифицираме со „ јас можам“, ви гарантирам дека универзумот ќе ни врати со позитивен одговор, но доколку се идентифицираме со „лузер“, тогаш сме лузери. Сметам дека веќе нема ни место, ни време за „не можам“, а ниту за лузери.

Неможно да не плаши вистината. Та, нели сме антички ? Зарем античките се плашеле од вистината, од љубовта, од сонцето? Ако јас не посакувам нешто вистински, значи дека не сум вистинска. А јас љубам да бидам вистинска. Никогаш не сум љубела поливинилски нокти и чувства. Како може да бидеме среќни ако не сме најдобри пријатели со вистината и со своето внатрешно јас? Како може да се будиме наутро до оној со кој не сме среќни, нели? Кого лажеме? Себеси, другиот или комшиите?

Па, мили луѓе, во 21 век на светот му исчезна патнички авион повеќе од месец дена. Цел авион. Го  нема. Што повеќе околу вистината? Па, се разбира дека има различно толкување во зависност од приодот, за голема жал. Забележавме дека Мери има интересна чанта. Не, не се обидовме да ѕирнеме што има во неа. Заеднички уживавме во разгледувањето на други убави чанти, во комбинација со чевли, она што секогаш се оценува како женска слабост. Не случајно го одбравме „Најн вест“. Како компанија, овој бренд има силна желба да ги исполни потребите на жените низ светот за висока мода и удобни чевли по пристапна цена. Во текот на својата богата историја, „Најн вест“ има соработувано со многу познати модни дизајнери и личности. И, да и Мери ги има нивните чевли.

ФОКУС: Претставата „Евангелие на глупоста“ (Далај Мама во два дела) во саботата ја имаше својата премиера на сцената на Драмски театар во Скопје. Костимографијата и сценографијата се ваши. „Евангелие на глупоста“ е приказна за распадот на т.н. западна цивилизација, станува збор за трагична фарса, во која ликовите немаат релевантни проблеми. Какво е вашето видување на претставата како дел од екипата? Колку она што таму се случува има допирна точка со времето и настаните во кои живееме тука во Македонија?

ГЕОРГИЕВСКА: На моја огромна радост, по 3 години повторно се вратив на сцената на Драмски театар. Овојпат со претставата „Евангелие на глупоста“ (Далај Мама во два дела), текст кој е напишан во не толку далечната 2005-2006 година, и кој се воспостави дека не само што е актуелен, туку совршено се залепи за времето и настаните, не само во Македонија, туку претставува совршено огледало на стварноста. Од типот: Огледалце, огледалце кој е најубав на светот?

А огледалото наместо да ви возврати со прочуената: „ти си најубавата“, на најбрутален начин ви ја блуе вистината. Не дека текстот е на Љубиша Георгиевски кој намерно ми е татко, и кој нема потреба јас да го фалам (напротив вообичаено сум му најголемиот критичар), туку дека токму овој текст е еден од неговите најзначајни текстови во неговото уметничко творештво како доказ дека возраста е запишана само во личната карта.

Творечкиот дух нема матичен број. Интимно мислев дека „Аферата Елсинор“ нема да можеме да ја надминеме по својот врвен квалитет, концепт и успех. Среќа што се неспоредливи една со друга и како уметнички чин и како идеја и како порака. Мислам дека имаме уште една одлична претстава, за која и критичарите се изјаснија, а самата публика најмногу го потврди тоа како на претпремиерата, така и на премиерата.

Актерите на сцената со сета нивна смиреност се вистински борци. Зборот е нивното најсилно орудие.

Што се однесува до ликовниот момент – тој суштински претставува одраз и на драматуршкиот елемент и на актерската игра. Првите неколку минути откако се крева завесата публиката го гледа ликовниот елемент, сакале или не. Верувам дека успешно си ја завршив задачата, а за тоа ќе потврдат тие што ќе видат што сум сработила. Лично презадоволна сум од соработката со актерите.

Речиси секогаш, на мое огромно воодушевување, фасцинирана сум со нивната скромност во приодот кон соработката, наспроти нивната уметничка големина.

ФОКУС: Има ли интерес во Македонија за театар? Има ли магија кај нас?

ГЕОРГИЕВСКА: Во Македонија отсекогаш имало интерес за театар. Прашање е дали магијата успева да се одржи. Таа, за жал, е сплет од повеќе околности. Она што ја наруши магијата наречена театар е вметнувањето на терминот – идеологија во театар. За голема жал, идеолошката ориентираност, поточно партиската припадност/раздвоеност меѓу уметниците/актерите/менаџерите, отсекогаш ги газела и ги згаснувала театарските жарови од нивниот стремеж да прераснат во оган кој ќе пали и жари со уникалниот талент низ светот, не само низ Македонија. Уметноста треба да претставува заеднички именител на сето она што содржи една земја, еден народ. Треба да обединува, а не да раздвојува. Тоа е најдобриот рецепт за успехот на магијата наречена театар.

Културата, па според тоа и нејзините институции е или трансидеолошка или не е култура во комплетната смисла на зборот.

Инаку неретко се прашувам што всушност работам? Дали сум на вистинското место во овие времиња, кога сите економски, геостратешки анализи и предвидувања тврдат дека светот навлегува во сѐ поголеми финансиски кризи, сѐ помалку пари добиваат театрите, а како резултат на тоа и менаџерите треба да се оспособат да ракуваат со помалку пари.

Доколку се има правилно планирање и развој, маркетинг и адекватни односи со јавноста, вработувања на релевантни личности, релевантен управен одбор, прецизна соработка на вработените – уметничкиот дел во сооднос со администрацијата, релации со владата на локално и државно ниво, не гледам зошто не би успеале да го зголемиме интересот за театар и да бидеме најуспешни во својот занает.

Мери пред година и пол се најде во центарот на медиумското внимание затоа што го искажа својот став, а тој беше различен од многу нејзини колеги. Во тој период, дел од нив ја осудуваа, ја омаловажуваа, па дури се обидоа и да ја обесхрабрат. Но, таа остана цврста и доследна на својата мисла.

ФОКУС: Менаџмент во театарот во Македонија во услови на рестриктивни буџети беше ваш магистерски труд. А  вие, некако по игра на судбината во реалноста како да се најдовте на тест со една слична ситуација. Успеавте ли своето знаење да го изнесете  на површина?

ГЕОРГИЕВСКА: Да, вториот мој магистерски труд беше токму тоа. Мојот труд има доминантна заснованост врз таквиот вид приод. Го одбрав поради актуелноста од една страна и предизвикот да се соочам и да излезам на крај со истиот проблем од друга страна. Театарската креативност, како и секоја друга има лимити од разновидна обусловеност – технолошко-техничка, финансиско-буџетска, стилско-концепциска. Мојот уметнички успех зависи и е тесно поврзан со сите горе наброени факти.

ФОКУС: Во тие моменти на виделина излезе подвоеноста на уметниците кај нас. Но, вие на некој начин излеговте посилна од сите нив, не се срамевте да покажете дека и покрај партиската припадност, имате право на свој став?

ГЕОРГИЕВСКА: Отсекогаш сум имала свој став. Уште од малечка. И свој стил, покрај другото. Всушност, мојот став е мојот стил. Слободата е мојот став. Така ја воспитувам и ќерка ми. Во уметноста и во љубовта нема политика.

И секогаш тврдам дека подобро нашите поколенија утре да бидат она за кое што не сонувале, отколку да не бидат она за кое што сонуваат денес.

ФОКУС: Сега по речиси година и пол, успеа ли вистината кај уметниците да стане универзална? Ако се суди според поставата на„Евангелие на глупоста“, тогаш постојат реални шанси за обединување на уметниците во име на уметноста.

ГЕОРГИЕВСКА: Ме радува што токму „Евангелие на глупоста“ ја спомнувате како едно успешно обединување на уметниците во име на уметноста и будење на вистината во театарот како почеток за сите други општествени сфери. Секако и тоа ќе биде сплет на околности, односно ќе биде обусловено од флексибилноста кај истите со која ќе се надмине суетата -најголемата глупост и бесмисленост на човекот.

Општествената парадигма, која би требало да се отслика преку репертоарот на театрите и уметниците во истите, претставува слика или одраз на општеството, во кое живее поголемиот дел од неговата публика – општество кое со џиновски чекори излегува од сферата на идеолошкото и навлегува во сферата на граѓанското, односно демократското.

ФОКУС: Имаше реални шанси да станете директор на Охридско лето, но ете не се случи. Колку ова за Вас претставуваше предизвик, посебно затоа што оваа културна манифестација е една од  традиционалните по која многумина од уметничката сфера низ светот ја распознаваат Македонија?

ГЕОРГИЕВСКА: Тоа е приказна стара повеќе од 3 години. Тогаш ми беше голем предизвик идеја за подигнување на естетското ниво на фестивалот. Конкурсот беше поништен од непознати причини за мене. Осум месеци потоа на нов конкурс на кој јас не зедов учество беше избран нов директор.

ФОКУС: Во Македонија, често луѓето се навикнати да ги занемаруваат квалитетите на една личност, посебно ако пред нив стои семејното стебло. Ви пречеше ли понекогаш кариерата на вашиот татко? Колку луѓето можеа да го видат она што Мери знае и може да го направи, без притоа да ѕиркаат во трудот на вашиот татко?

ГЕОРГИЕВСКА: Никогаш не ми пречела кариерата на мојот татко. Просто невозможно е да ви пречи да имате успешен родител. Ми пречела неговата отсутна присутност во детството. Последните 10 години моите родители речиси и не живееја во државава. Можеби на некои други им пречела кариерата на мојот татко во однос на мене. На една рака се бројат моите непријатели од сферата во која творам. На непријателите секогаш им го паметиш мирисот. Не ги потценувам во нивните напори да сторат сѐ за јас да не можам да напредувам. Напротив. Предизвик ми се. И потсетник како не треба да се однесувам. 

ФОКУС: Парите се отепувачка е едно познато дело, во чија театарска изведба, исто така, бевте вклучени. Но, дали парите ја убиваат суштината на уметноста?

ГЕОРГИЕВСКА: Парите не можат да ја убијат уметноста, но можат да ја остават приклучена на апарати – жива, а мртва. Тука сакам да направам дистинкција. Едно е да се работи сиромашен театар од естетска причина и сиромашен театар, како последица на немање доволно финансиски средства од определениот буџет за изработка на претставата. Со многу мали средства може да се создаде моќно костимографско или сценографско решение.

Сѐ повеќе ми недостасува буџет кој ќе се оддели за нас уметниците да ги покажеме вистинските вредности. Не можете да направите веризам на историски костим со мал буџет. Тоа е јасно како два плус два. И не можеме да создаваме костими за пример на нашите следбеници костимографи без постоење на театарски шивални и театарски кројачи обучени за моделирање театарски костим. Посакувам да креирам и да гледам раскошни костими, не само костими сведени на суштината.

Претставата „Парите се отепувачка“ од Бојан Трифуновски ја работев во мојата матична куќа, Македонскиот народен театар.  Беше прекрасно искуство. Тоа беше моја прва соработка со режисерот  Бојан Трифуновски, за кого знаев дека е многу талентиран режисер, но со неговото ново видување на „Парите се отепувачка“ покажа дека е и одличен писател.

Нашата прошетка низ Скопје Сити Мол ја продолживме на нова локација, на следниот кат во модната куќа „Пи ес“. Тие почнаа со работа во 1995 година, во Чачак. Тајната на нивниот успех лежи првенствено во потпирање на тие што се одговорни, мотивирани и иновативни во предлагањето и прифаќањето секогаш нови и интересни идеи.

И нашиот разговор продолжи  на темата облека.

ФОКУС: Костимот во театарот е во директна корелација со публиката. Колку овој момент е мотив за вас, да допрете до публиката, да ѝ ја пренесете мислата, суштината на претставите токму преку костимите?

ГЕОРГИЕВСКА: Општо е познато дека секој драматуршки лик се оживотворува од крв и месо од страна на актерот што го игра, но исто така и не помалку се означува од костимографот. Костимот, па ако сакате и сцената, во принцип претставува екстериоризација на внатрешноста на секој карактер. Впрочем како и во животот.

ФОКУС: Велат облеката не го прави човека, но со неа може да добиете одредена порака за неговата личност. Колку ова има вистина за еден човек кој се обидува да комуницира токму преку парчињата облека?

ГЕОРГИЕВСКА: Облеката е израз на степенот на слободата што секој човек си ја дозволува. Човекот се раѓа гол. А потоа треба да се облече. Слично на актерот: Актерот е гол и пред да излезе на сцена. Како лик треба да го облече „својот“ костим, а тоа значи да го облече „ликот“. Модата во својата феноменолошка суштина е аутархична и диктира посебна униформираност за која јас лично не сум застапник. Поточно одбивам да ја прифатам. Посебноста тука нуди сурогат за слободата, зошто предложените трендови (униформи) се видоизменуваат сезонски, додека нивните робови и робинки остануваат истите неслободни личности. Модата е многу слична на костимот. Таа пречесто е израз на определени табуа, касти, класи, припадности, конфесии, психички деформации и несоодветни прилагодувања за сите сетила. Посебно ова последново важи за државите на Балканот како вечно проклетство.

Отсекогаш сум се залагала за сопствен стил. Диктатот на модните креатори, кој е сѐ понасилен во сопствената концептуалност, одбивам да го прифатам. Да, комуницирам преку облека. Облеката е порака.

ФОКУС: Лесно ли е да се соработува со режисерот Љубиша Георгиевски? Притоа предност ли е што е ваш татко или  во дадени ситуации се поставува како кочница за вашата соработка?

ГЕОРГИЕВСКА: Лесно е Љубиша Георгиевски да ви е татко. Но, верувајте, да се соработува со Љубиша Георгиевски не е воопшто лесно. Покрај тоа што е уживанција да се соработува и да се слуша на пробите, разликата е во тоа што јас мора да го слушам и по пробите.

ФОКУС: Лазарополе, родното место на вашата мајка, но и на многу познати македонски дејци. Што за вас претставува Лазарополе, дали можеби е еден убав начин за опуштено бегство од секојдневието и уживање во неговата раскошна убавина?

ГЕОРГИЕВСКА: Лазарополе ми е асоцијација на мајка ми, на лето, на баба ми Љуба и дедо ми Огнен, на зеленото, синото и жолтото, на нарцисите во мај, на легендата за самовилите, на скакулците во долни ливади. На долгите прошетки со Лени на Горни рид. Сега во моментов ме асоцира на нешто многу тажно. Поточно на неодамнешниот криминал со украдените фрески од еден од најубавите иконостаси во Македонија во црквата „Св. Ѓорѓија“.

ФОКУС: Верувате ли во моќта на семејството?

ГЕОРГИЕВСКА: Верувам во моќта на семејството. Верувам и во моќта на пријателите. Лесно е да го љубите ближниот свој. Предизвик ми се потешките задачи. Да му помогнете на туѓ човек кога е во неволја, ако ви дозволуваат можностите, се разбира. Има многу луѓе кои имаат семејства, а се чувствуваат осамени. Семејството не е појдовна точка за да почувствувате среќа. Поединци можат да ве направат среќни. Но, најсреќен треба да сте сам со себеси за да може најсреќно да ги озрачите другите.

ФОКУС: Лесно ли е да се биде успешна и паметна жена во Македонија?

ГЕОРГИЕВСКА: Ви благодарам на комплиментите. Не е лесно.

ФОКУС: Жените со леснотија и љубов би ги совладале пречките. Голем дел од нив не се согласуваат да живеат под уцени, храбро и со леснотија би паѓале и би станувале по падот за да покажат дека и од пепелта може да никне еден ’ркулец. Сметате ли дека жените треба да добијат повеќе простор, повеќе шанси за да овозможат свежина во нашето секојдневие?

ГЕОРГИЕВСКА: Да, во право сте. Јас бев долго време во брак и не ми претставува никаква тешкотија отворено да говорам околу тоа. Со голема леснотија и љубов кон семејството одржував нешто кое се покажа неодржливо. Еден ден по долги години измачување, во името на идеалот наречен успешен брак по секоја цена, буквално излегов од прагот каде што подолго време не се чувствував во своја кожа, свој дом. Не дека сум посилна од маж. Јас не бранам никаков феминизам. Не сум застапник на феминизмот. Само се сметам за една од храбрите жени. Мора да ги помирисате штиците од подот за да полетате. Поинаку не може. Понекогаш треба да ги оставите другите сами да ги увидат за сопствените грешки. Секогаш, без исклучок самите ние сме тие што треба да донесат одлука. Не може од удобна фотелја со далечински управувач в рака да седите и да осудувате. А притоа животот да ви биде најблиската бакалница. Животот е предизвик кој секојдневно треба да го уживате, а љубовта е движечката сила. Кога ја нема љубовта, нема живот.

ФОКУС: Каде ги насочувате своите цели во блиска иднина, дали можеби во вас засега спие можеби идна претседателка на Македонија?

ГЕОРГИЕВСКА: Неочекувано прашање. Ме извадивте од памет искрено. Јас порано бев и новинар во моето модно списание за кое имам направено преку 60 интервјуа. Сакам храбри прашања. Ќе пробам да излезам од сопствената комфор-зона, против која сум поборник и да одговорам вистински на предизвикот на вашето прашање. Никогаш не сум размислувала на оваа тема.  Денес се сметам себеси за уметник, успешна мајка, за жена од акција и од збор, омилена во своето опкружување, која притоа не се залетува лесно по власт. За неколку месеци ме чека одбраната на мојата докторска теза на тема „Менаџирање со угледот на културните институции во РМ“,  под менторство на проф. д-р Сашко Насев.

Доколку се најдам во вистинското време, на вистинското место, со вистинските луѓе, заинтересирани за мене, и јас за нив, а сите заедно за  Македонија, зошто да не? Сѐ зависи од квалитетот на алармот. Бргу се будам. Не ми треба „snoozing“.

ФОКУС: Дали ги сакате традицијата и обичаите, кои се врзуваат за одредени празници? Имате ли вие некаков обичај кој сакате да го негувате за велигденските празници? Како човек кој има силна потреба да се изјаснува преку сценскиот изглед, но и умешноста и креативноста на уметноста воопшто, го пренесувате ли тоа во ритуалот за вапсање јајца?

ГЕОРГИЕВСКА: Велигденската недела ми е најрадосна недела од кога паметам за себеси. Се радувам на Христовото воскресение. Годинава ми е акцентирана од многу причини. Најголемата причина е што годинава по вторпат за само две години го посетив Израел, ги посетив Витлеем, Назарет, Галилеја, Ерусалим – градот на мирот за кого 3.000 години се води војна. А точно денес кога го давам интервјуто, изминуваат 40 дена од моето пристигнување дома. Верувам на мој начин – единствен начин. Тоа ќе го зачувам за себеси. Денес одбележувам и една година од преселувањето во мојот сопствен дом. Омилен ми е Велигден поради дружењето со ќерка ми Лени и моите родители. Посебно кога беше помала. Имавме ритуал. Правевме уметнички дела од секое вапсано велигденско јајце. Рачно ги сликаме. Се надевам годинава ќе се навратиме на спомените.

ФОКУС: И за крај, останува ли простор за недрење на љубовта во вашиот живот?

ГЕОРГИЕВСКА: Важно е да љубиш.

Времето, иако е април, пркосно ни укажуваше колку пролетта знае да е променлива. Но, сигурноста што ја пронајдовме во Скопје Сити Мол ни овозможи да се чувствуваме отпорни на силниот ветер, кој на извесен начин ни испраќаше сигнали дека сите ние можеме сѐ, но само треба да имаме волја да ја препознаеме својата визија и да се бориме за неа.

Поврзани новости