Меракот за шетање поголем од стравот од вирусот, се планираат Осмомартовските екскурзии!

by Fokus

Новиот вид на корона вирус пристигна во Србија, беше тоа веста која вчера ја соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Се објавуваа и фотографии од долгите редици на доброволци кои чекаат во ред да ја примат вакцината против вирусот, и вакцинирањето кај нашите соседи се одвива непречено.

Речиси истовремено, во нашите медуми пак, се пишуваше за долгите колони кои од Македонија тргнаа кон Србија, во шопинг во Врање. Со повратни автобуски карти по цена од 350 денари од Куманово до Врање и назад, стотици наши граѓани како едвај да го дочекаа укинувањето на ПЦР тестовите, па желбата за шетање и пазарење во популарниот маркет Лидл им надвладеа над стравот од вирусот.

Дека Македонците не можат да одолеат на прошетките во соседството, деновиве покажуваат и многубројните фотографии на социјалните мрежи од познатите ски центри во соседна Бугарија. Иако за влез во Бугарија е потребен негативен тест, сепак тоа очигледно не е пречка за оние кои намислиле да уживаат на снегот во Банско и Боровец.

Тамошните хотели работат непречено, а како што велат наши посетители, најголемиот број на гости биле од Македонија. Тоа што минатата година, кон средината на месец март додека се уште траеше ски сезоната, Банско стана еден вид на епицентар на опасниот вирус, најверојатно падна во заборав.

И за денот на жената, Осми Март, веќе се подготвуваат куферите. Најактуелни се понудите за аранжманите во Турција, а од туристички агенции потврдуваат дека има голем интерес.

-Најатрактивна е понудата за Истанбул, три дена и две ноќевања по цена од 70 евра. Во понудата е вклучено разгледување на многу знаменитости, посета на популарната Капали чаршија, крстарење по Босфор, како и разгледување одблизу на вилите во кои се снимени најпознатите турски серии – велат од наша туристичка агенција.

Додаваат дека има интерес и за Осмомартовските аранжмани за Белград, кои се нудат по цена од околу 80 евра, за две ноќевања. Покрај обиколката на градот, во овој аранжман бил вклучен и шопинг во Икеа, како и посета на Нови Сад.

-Сега се популарни и патувањата во Копаоник, поради ски сезоната. Три ноќевања се околу 130 евра и има интерес. Запазени се мерките за заштита од вирусот – велат од агенцијата.

Минатата година, поради ширењето на вирусот во периодот пред празникот Осми Март, здравствените власти апелираа да не се патува надвор од земјава, посебно не во Италија и други европски земји каде ковидот земаше замав. Сепак, желбата за шетање беше посилна од вирусот, и илјадници жени заминаа на долго очекуваната прошетка. Веќе на 11-ти март беше прогласена светска пандемија на корона вирус, па дел од патничките кои до тогаш не беа вратени од патувањата, по доаѓањето во земјава беа принудени да останат во изолација во наредните две недели. Многу од оние кои се вратија од патувањата го донесоа и вирусот со себе, и го распространија помеѓу свои роднини и колеги.

Вики Клинчарова

Поврзани новости