Од среда навечер, повеќето продавници, некои производствени и административни услуги ќе се затворат во Мелбурн, како дел од шестнеделниот карантин што се очекува да зафати 250.000 работни места, е објавено денеска.

Поради состојбата во државата Викторија од вчера е воведена вонредна состојба, па затоа беше воведен и полициски час во Мелбурн, меѓу другите места, од 20 до 5 часот наутро.

До неодамна, Австралија подобро се справуваше со вирусот од другите земји и има 18.361 лица заразени со 221 смртни случаи од Ковид-19, но сега е изложена на ризик да ја изгуби контролата во државата Викторија, која воведе најстроги мерки до денес.

Соседните држави Нов Јужен Велс и Јужна Австралија воведоа нови мерки на претпазливост.

-Колку и да не боли поради затворањето на работните места, ние треба да го сториме тоа за да престане ширењето на овој заразен вирус“, рече премиерот на Викторија, Даниел Ендрус, на денешната прес-конференција.

„Во спротивно , ограничувањата нема да траат шест недели, туку шест месеци“.

Производството на месо ќе се намали за третина и работниците ќе носат заштитна облека, а дел од градежните работи ќе бидат прекинати.

Супермаркетите ќе останат отворени, а можноста за земање храна од ресторани и доставување оброци ќе остане, но многу други продавници и услуги ќе бидат затворени.

Ноќниот полициски час во Мелбурн ќе трае шест недели, а на жителите на градот од пет милиони луѓе ќе им биде дозволено да излегуваат само на работа и потребните работи како набавка на храна и обезбедување грижа за болни и немоќни.