Мехмедовиќ за „Фокус“: Некој намерно ги тера луѓето да се заразуваат

by Fokus

Доктор Злате Мехмедовиќ од ковид центарот на интерните клиники вели дека во моментот неконтролираното ширење на новата варијанта омикрон значи исклучително многу можности за мутација на вирусот и создавање на нови варијанти.

Се уште постои емпириска можност  за функционално „унапредување“ на САРС-Ков2 и никој не може со сигурност да каже дека тоа нема да се случи, односно дека омикрон ќе биде последната варијанта со која ќе заврши пандемијата.

 

Мислам дека сериозен проблем преставува промовирањето на тезата за намерна експозиција на оваа условно кажано „лесна-блага“ варијанта на вирусот со цел да се создаде суперимунитет, па дури се промовира и да не се носат маски на затворено, да нема затворање на рестораните и кафаните, како и да не се користат ковид сертификати“, објаснува доктор Мехмедовиќ за „Фокус“.

Според него, повеќето луѓе ги поминале последните две години борејќи се да го избегнат ковид 19, а сега некој ги потикнува да го направат спротивното.

Таквата девијантна логика е налик на логиката со која родителите намерно ги изложуваат своите деца во средина каде има сипаници за да создадат имунитет, што е апсолутно погрешно. Кажавме дека омикрон е неверојатно високо пренослив и многу луѓе, прележани, вакцинирани и невакцинирани ќе се заразат за време на овој бран“, додава доктор Мехмедовиќ.

Доктор Мехмедовиќ останува на ставот дека ако луѓето намерно се заразуваат очекувајќи дека омикрон варијантата е полесна, потенцијално ќе предизвикуваат синџир на пренос (домино ефект) и ќе го преплават веќе преоптоварениот здравствен систем.

Тој здравствен систем е под континуиран стрес и зголемен обем на обврски и одговорности во последните две години. Здравствените работници се исцрпени и нема доволен број, особено средно медицински персонал.

 

Тука се и матичните лекари, кои овие денови се најоптоварени поради страшниот наплив на пациенти. Со ваквото намерно заразување можеме да предизвикаме колапс на системот за многу краток временски период“, истакна доктор Мехмедовиќ.

Досега во земјата се направени вкупно 1.686.063 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 239.920, бројот на оздравени пациенти е 217.305, на починати е 8.070, а бројот на активни случаи изнесува 14.545.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости