Мехмедовиќ: Платите на лекарите ќе бидат двојно зголемени

by Fokus

Со блокадата на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го загрозуваат здравјето на пациентите! На граѓаните им е неопходна новата реформска Влада, којашто ќе ги спаси од штетниот здравствен систем и бизнис интересите воспоставени од Никола Тодоров и Никола Груевски. Новата Влада ќе обезбеди здравство посветено на луѓето, изјави денеска на прес конференција доктор Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ. Неговата прес-конференција ви ја пренесуваме интегрално:

– Нема да се затвораат одделенија и пациенти да чекаат за операција со месеци, затоа што недостасува медицински персонал. Таков е случајот во болницата „8 Септември“. Основните плати на здравствените работници ќе бидат двојно зголемени, а платите на специјалистите во следните три години ќе се покачат на 100.000 денари. Така ќе ги задржиме лекарите и персоналот во јавното здравство, за да обезбедиме соодветна грижа за граѓаните.

Деновиве лично од директорот на болницата „8 Септември“ граѓаните слушнаа дека дел од медицинскиот персонал заминал во странство, а дел по приватните клиники. Според објавени информации во медиумите дури 200 лекари годишно заминуваат од Македонија! Скандалозно е да одат милионски суми пари на граѓаните за тендери и несоодветна медицинска опрема што стои во кутии, а граѓаните да нема каде да се лечат!

Освен болницата „8 Септември“, половично прима пациенти и хируршката болница „Св.Наум Охридски“ која, како што велат вработени, поради лоши изведби се реконстуира со месеци. Од тие причини, пациентите од Градската хирушка болница се пренасочуваа во „8 Септември“. Дел од нив сега ќе останат без потребната здравствена заштита!

Нема ни нов Клинички центар. Од најавата пред 5 години, остварен е само спорен тендер од власта во заминување, со технички овластувања. Поради колапсот на здравствениот систем, според Европскиот здравствен потрошувачки индекс, Македонија е на претпоследно место по здравствени резултати во Европа. Новата реформска Влада ќе го стави граѓанинот во центарот на своите политики. Ќе има достапен, современ и ефикасен здравствен систем.

Ќе воведеме бесплатно болничко лекување за здравствените осигуреници, за ничие здравје повеќе да не зависи од тоа дали има или нема пари. „Мој термин“ ќе го замениме со систем што ќе гарантира брза, прецизна и пред се квалитетна здравствена заштита на секое ниво. Ќе ги намалиме административните обврски на лекарите, за да може целосно да се посветат на своите пациенти.

Болниците ќе бидат реконструирани, ќе изградиме нови, а ќе има и нов Клинички центар во Скопје.За сето ова да се реализира, потребно е претседателот Зоран Заев веднаш да го добие мандатот и да ја формира новата Влада, којашто ќе го осигура здравјето на граѓаните и ќе работи исклучиво во граѓански интерес – рече Мехмедовиќ.

Поврзани новости