„Меѓаши“ со осуда на притисоците врз средношколците

by Фокус

Поттикнати и загрижени од клипот на кој се гледа како директорка и наставничка се закануваат на средношколците да не одат на протести, со реакција се јави детската амбасада Меѓаши.

„Заканите и притисоците кои ги видовме се за секоја осуда! Oчекуваме одговорните лица и институции (МОН, директорите/ките на училиштата) да преземат соодветни чекори околу однесувањето на наставниот кадар, во најмала рака јавно на состанок во училиштата да кажат дека нема да се толерира такво однесување кон учениците. Колку и да се „жешки„ проблемите, работа на возрасните а особено на оние кои се во образование е да наоѓаат конструктивни и ненасилни начини за нивно решавање а кон соговорниците да постапуваат со почит.

Вавата демонстрација и воедно злоупотреба на моќ е неприфатлива и не смее да помине. На овој начин на младите и децата им соопштуваме дека не ги слушаме, дека заканување е прифатлива комуникација, дека треба да бидат беспоговорно послушни и покорни кон возрасните и ред други нешта кои не придонесуваат кон градење автономни  личности. Како што и од самото ваше однесување тие учат како треба или не треба да се однесуваат“, се вели во реакцијата.

Понатаму се надополнува дека Република Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни документи со кои на децата им се гарантираат и правата кои спаѓаат во групата на граѓански политички права.

„Важноста на детско/младинското учество особено во процесите на одлучување за прашања кои се важни за нив. Конвенцијата за правата на детето (КПД) му го признава правото на детето односно малолетните лица на  учество/партиципација, што значи  тие да бидат слушнати и консултирани за работи и одлуки кои се од нивен интерес! Учеството/партиципацијата е еден од четирите основни принципи на КПД, покрај правото на опстанок и развој, недискриминацијата и најдобриот интерес на детето. Правото на партиципација експлицитно е потенцирано во членовите 15 (слобода на здружување и мирно собирање) и член 12 од КПД како слобода на изразување на сопственото мислење и право истото да се земе предвид во сите постапки кои се однесуваат на детето и кои се од негов интерес“ се вели во реакцијата.

Поврзани новости