Меѓаши: Адеми да седне на преговарачка маса со Средношколскиот пленум

by Фокус

Првата детска амбасада во светот Меѓаши во отворено обраќање до министерот за образование и наука ја изразува својата целосна поддршка на Средношколскиот пленум и нивната јасно искажана и покажана потреба да бидат активни носители на општествените промени кои нив ги засегаат.

– Го повикуваме Министерот за образование конечно да го препознае потенцијалот кој го носат младите и да ја испочитува нивната одлучност активно да придонесат во создавањето на подобар систем на образование во Република Македонија. Децата ризикуваат матура и упис на факултет! Протестираат и бојкотираат и се солидаризираат едни со други без оглед дали ќе полагаат математика или не. Изложени се на секојдневни притисоци дека нема да полагаат матура, дека мора да потпишуваат разни изјави. Не ни е јасно што се чека? МОН, наместо да преземе одредени мерки кои ќе им помогне во барањата на учениците, кои се пред се во нивен интерес, тие со своите постапки ги казнуваат, заплашуваат, да им се закануваат, понижуваат, потценуваат, се вели во обраќањето на Меѓаши испратено до Кабинетот на министерот Адеми.

Оттаму велат прашуваат дали е потребно да се создаде уште поголем револт и уште поголем гнев и на учениците и на родителите, па да се прелее нездоволството во порадикални форми од бојкот и кој би ја презел одговорноста во тој случај?!

– Сметаме дека министерот треба итно да го повика Средношколскиот пленум на разговор и договарање околу состојбата. Треба да сме свесни дека во спротивно состојбата може и да ескалира со несакани последици, што никој всушност и не го посакува или пак да резултира со гаснење на надежта кај младите дека се можни промените и дека нивните права гарантирани со Конвенцијата за правата на детето не се почитуваат иако Република Македонија е потписничка на истата.

– Многупати досега апелиравме дека Конвенцијата за правата на детето (КПД) му го признава правото на детето на учество/партиципација, што значи детето да биде слушнато и консултирано за работи и одлуки кои се од негов интерес! Учеството/партиципацијата на децата е еден од четирите основни принципи на КПД, покрај правото на опстанок и развој, недискриминацијата и најдобриот интерес на детето, се вели во обраќањето на Првата детска амбасада.

Поврзани новости