Медиумската асоцијација ја поддржува Владата за измените на Законот за аудио-визуелни услуги

by Fokus

Македонската медиумска асоцијација на националните терестријални телевизии информира дека, земајќи го предвид речиси едногодишното живеење и работење во услови на пандемија, ја подржува Владата во однос на нивната иницијатива за измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се забранува какво било користење на буџетски средства за какво било информирање преку приватните радиодифузери.

-Земајќи ја предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес, како што се на пример кампањите за заштитните мерки од ковид-19, во смисла на држење дистанца, носење маски и слично, сметаме дека, како европската, така и домашната јавност мора на вистинит, но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести, интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух, се наведува во известувањето од ММА.

Асоцијацијата на национални терестријални телевизии, се вели во известувањето, бара од Владата да подготви предлог измена на членот 102, што потоа ќе го достави до Собранието, по што очекуваат законодавниот дом да ја обезбеди посочената измена предложена од Владата.

-Бенефитот на ваквите кампањи треба и мора да го почуствуваме сите, независно на етничка, верска или политичка припадност, и најважно, нашите сограѓани заслужуваат да добијат едукација, но и вистинска, а не лажна и при тоа навремена, а не измислена информација за теми и прашања од исклучителен јавен интерес, од кои ние сите ќе имаме лична но и општествена придобивка, стои во известувањето.

Од ММА нагласуваат дека никој нема право ниту пак смее да ги попречува да допрат до што е можен поголем број на наши сограѓани, на ефектен и правовремен начин, кампањите од искучителен јавен интерес, како што е, на пример, сегашната активност за имунизација на нашето население, за нема подобар канал за пласирање од националните терестријални ТВ канали

 

Поврзани новости