Медиум близок до ВМРО-ДПМНЕ извести дека Митко Кожувчанка е задржан во полиција, тој демантира

by fokus

Медиум близок до ВМРО ДПМНЕ вечерва информираше дека Митко Јанчев, кандидат за градоначалник на Кавадарци од ВМРО ДПМНЕ бил задржан повеќе од еден час во полициска станица.

-Поминаа триесетина дена откако кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци беше застанат од полиција и му беше вперено оружје и беше малтретиран. Нема никаква одговорност, ниту дисциплинска постапка. Веќе еден час повторно вечерва го држат во полициска станица. Тоа е СДСМ и нивното спроведување избори, истакна вечерва од Могила, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски’’ – пренесе порталот, а веста набргу се прошири и на социјалните мрежи и предизвика низа од коментари и прашања од граѓаните.

,,Фокус’’ телефонски го контакрираше Јанчев, кој ни изјави дека се работи за грешка.

,,Грешка е. Јас  не бев ниту приведен, ниту задржан во полиција, туку тоа беше мој другар и моја десна рака, Горан. Тој беше задржан во станицата во Кавадарци, наводно поради вршење на притисок околу гласањето, а сега е пуштен. Наводно, тој отпуштил двајца келнери, а келнерите исто така се повикани на разговор во полициската станица во Велес. Јас не сум задржан во станица, не е точна информацијата’’- ни изјави Јанчев.

Тој во недела ќе се ги измери силите со Бетиан Китев од СДСМ, на вториот круг од локалните избори.

Вики Клинчарова

Поврзани новости