Медицинските сестри масовно заминуваат во Германија: Платите десетпати поголеми од кај нас

by fokus 16:38
16:38

Медицинските сестри стануваат дефицитиран кадар во здравството,бидејќи заминуваат на работа во странство,а најмногу во Германија. Дури четириесет медицински сестри за неполна година си заминале од скопскиот Клинички центар. Овие алармантни податоци неодамна ги објави Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.

Слична е состојбата и во Градската општа болница „Осми Септември“, од каде што за неполна година си заминале 18 медицински сестри. Од Болницата велат дека има најави дека до крајот на годинава бројката ќе се искачи на 25.

- Advertising -

Недостиг од медицински сестри има и во старата градска болница во Скопје „Св. Наум Охридски“, каде од почетокот на годинава си заминале 17 медицински сестри. Од нив девет се пензионирале, шест си заминале со спогодбено преземање и две си дале отказ.

Со цел да ја истражиме ваквата состојба, Млад фокус разговараше со повеќе  медицински сестри, коишто си заминале од земјава, но и со студенти на Медицинскиот факултет, за да ги откриеме мотивите за заминувањето.

Разговаравме со медицинска сестра од Македонија, која неоддмна е иселена во Германија, во областа Баден. Таа вели дека оваа земја е вистинско „Елдорадо“ за македонскиот медицински персонал. Според неа, процесот на заминување во Германија, воопшто не е тежок, бидејќи целата работа ја бркаат германски агенции.

– Мене преку колешки ме контактираа од една германска агенција. Тие ми платија неколкумесечен курс по германски јазик и кога го положив неопходното ниво на знаење на јазикот Б2, експресно ме повлекоа во болницата во Германија со плата од 3.000 евра и обезбеден стан. Тоа е почетна плата, која е десетпати повисока од мојата плата во Македонија. А, условите за работа, тука се многу подобри- вели таа .

Нашата соговорничка вели дека во последно време се менуваат трендовите и не заминуваат само млади, туку и искусни, изградени кадри.

– Тоа се главно сестри со сериозно работно искуство, докажани во својата професија, кои работеле на одговорни места на клиниките. Тоа е подготвен  кадар, кој  е  најпродуктивен и во тие години треба да му служи на ова општество и  на граѓаните, за да имаме бенефит сите- додава медицинската сестра.

За ова зборувавме и со Дијана М, студентка на Медицинскиот факултет, која  ни рече:

– Како и на секој студент по медицина, прва дестинација би била Германија, затоа што технологијата во клиниките сѐ уште е научна фантастика за нашиот клинички центар. Исто така, трудот е многу ценет, со заслужена плата. Ја имам разгледано оваа опција, но со оглед на тоа дека сум сѐ уште на почеток на факултетот, можеби ќе излезат уште неколку опции.

Според податоците на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, во моментов во Македонија има 8.200 медицински сестри, за разлика од пред пет години, кога имало вкупно 11.000 сестри. И покрај ваквите податоци, здравствените власти тврдат дека состојбите во последниве две години одат на подобро, а Владата покажала подготвеност за подобрување на статусот на медицинскиот персонал, со цел да се задржи во државава.

Министерот за здpaвство Венко Филипче во повеќе наврати најави дека Владата ќе го исполни ветувањето и  од идната година лекapите-специjaлисти ќе добиваат плата од 100.000 денари.

– По зголемувањето на платите и дежypствата за здpaвствените работници минатата и оваа година, во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекapите-специjaлисти, со цел согласно нашите ветувања, следната година да стигнат до 100.000 денари, изјави министерот.

Сепак, состојбите на теренот говорат нешто друго, а нашите соговорници се скептични:

– Ваквите мерки може само минимално да го забават одливот на кадар, но не и целосно да го запрат. Платите во Германија, која станува сѐ подостапна за македонскиот кадар, се и по десетпати поголеми.

Подготвила:
М.Д

Поврзани новости