Ако не беше пандемијата, ќе имаше уште поголем дефицит од медицински сестри, а кога ќе заврши пандемијата голема е бројката на медицински сестри што се подготвуваат да си заминат, велат од Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари и акушери, барајќи да се подобрат условите во кои работат овие здравствени работници. Тие бараат да се донесе закон со кој ќе се регулира дејноста на медицинските сестри.
„Имаме сестри кои во моментов полагаат разни завршни испити за јазици во соседна Србија и се подготвуваат по завршувањето на пандемијата да си заминат. Основната причина е во нерегулирање на дејноста на професијата. Има комплетно незадоволство во целокупната фела. Понудените решенија за законот треба да се прифатат. Препораките на СЗО се во насока на сестрите да им се даде апсолутно голем простор во имплементирање на здравствената политика“, вели Гордана Башлиовска за МИА.
Според неа, како една од причините за одлевањето медицински сестри од јавните болници е нарушување на нивното достоинство.
-Основното решение лежи во донесување на Законот за дејноста за нашата сестринска професија, кој ќе ги зададе нашите задачи, нашите компетенции врз основа на кој ќе имаме одговорност. Ние немаме зададени компетенции и задачи, ниту можеме да си ја одредиме одговорноста и како фела сме маргинализирани и оставени сме на милост и на немилост на политиките на менаџерите во здравствените институции – рече Бислиовска.
Медицинските сестри во болниците, посочи таа, се третирани по аршини на некои правилници во самите болници. Според неа, медицинските сестри не недостигаат само кај нас, туку тоа е глобален проблем. Бешлиовска вели дека незадоволство на медицинските сестри не е само на Инфективната клиника, туку во сите здравствени установи.
Инаку, главната медицинска сестра на Инфективната клиника Зорица Љубичиќ-Митиќ и уште две колешки, Силвана Рогиќ и Дивна Бојческа, доставиле откази. Нивните барања за отказ завршија на социјалните мрежи, по што следуваше бурна реакција од јавноста. Јавноста дополнително реагира бидејќи нивните откази се случуваат во време на пандемија, кога секој еден од здравствените работници е неизмерно важен.