Меџити за Фокус: Заев и Шилегов забораваат дека ДУИ ги направи премиер и градоначалник

by Фокус

Потретседателот на ДУИ и поранешен градоначалник на Чаир во 3 мандати, Изет Меџити, беше дел од партиското крило што после парламентарните избори во 2016 година се залагаше за прекин на соработката со ВМРО-ДПМНЕ и за формирање на коалиција со СДСМ, како што впрочем и се случи. Но, тој периодов влезе во конфликт со СДСМ откако ДУИ почна да ја промовира и брани идејата за премиер-Албанец. Во разговор за Фокус, тој вели дека целта на овој предлог не е да се мобилизираат гласачи во пресрет на изборите, туку движење кон вистинска еднаквост.

ФОКУС Кој е идеен креатор на концептот за Албанец-премиер, кога се роди оваа идеја и зошто одлучивте токму сега да ја пласирате и промовирате во јавноста?
МЕЏИТИ Идејата за Албанец-премиер не е креирана од еден човек или за една партија во Северна Македонија. Тоа е идеја базирана на европските вредности на граѓанските права и еднаквости. Долги години нашите граѓани знаеја само две опции, еден македонски кандидат, или друг македонски кандидат. Време е за нова еднаквост и за премиер кој ќе ги претставува сите луѓе.

ФОКУС Дали фактот што оваа платформа ја исфрливте во пресрет на предвремените парламентарни избори укажува дека целта ви е мобилизирате гласачко тело на етничка база?
МЕЏИТИ Нашата цел е да ја водиме нашата земја кон просперитет и еднаквост. Албанец-премиер е мерка за таа цел. Не се однесува на мобилизирање на етнички гласачи, туку на движење кон вистинска еднаквост. Во минатото, Албанците имаа потреба од употреба на оружје за постигнување на еднаквост, а денес тоа е можно преку гласачко ливче.

ФОКУС Дали досега сте разгледувале конкретни имиња од албанската етничка заедница кои би ги предложиле за премиер при евентуални преговори за формирање на коалициски влада после изборите? Кои се тие или од каков политички и општествен профил треба да бидат?
МЕЏИТИ Идејата е поголема од било која личност или партија. Ги покануваме сите албански партии да се придружат кон инициативата за албански конензуален премиер. Ова е причината зошто се уште немаме соопштено ниту едно име. Се уште очекуваме од албанските партии да ја поддржат оваа национална кауза. Со време ќе го претставиме нашиот пат кон избор на кандидат со најдобар потенцијал и интегритет. Но, една работа е гарантирана – премиерот-Албанец ќе биде премиер за сите, а не само премиер за ДУИ.

ФОКУС Истовремено, вашата партија го реафирмира принципот „победник со победник“ при формирање на влада. Колку овој принцип е издржан, со оглед дека веќе не сите партии се класични етнички партии (СДСМ се прогласи за мултиетничка партија)? И второ, колку инсистирањето на овој принцип е компатибилно со идејата за Албанец-премиер, односно што доколку се случи хипотетичка ситуација вие пак да одлучувате кој да формира влада, а вашето барање за премиер го прифати партијата од, условно македонскиот блок, која освоила помалку гласови? Со која партија во таков случај би соработувале?
МЕЏИТИ Не можете да говорите за „едно општество“ или мултиетничка партија, а сте прва партија која ја отфрла идејата за Албанец-премиер. СДСМ секогаш била и ќе биде македонска партија која на прво место ги става интересите на Македонците. Едно општество за нив е маркетинг, не се искрени. Едно општество значи дека и еден Албанец има шанса да биде избран за премиер. Премиер-Албанец не е премиер само за Албанците, тој е за сите. До денес, премиерите на СМ биле избрани од една од двете главни партии, а во Македонија никогаш немало премиер кој ги претставува сите граѓани. Албанец-премиер би бил таков и би ги претставувал сите.
Ние ќе оформиме влада со политичките партии кои сфаќаат дека доколку С. Македонија сака да биде подготвена за ЕУ, треба да биде подготвена за Албанец-премиер.

ФОКУС Очигледно е дека во последниот период се интензивира конфликтот меѓу СДСМ и ДУИ, до тој степен што лидерот на СДСМ Зоран Заев порача дека доколку инсистирате на барањето за Албанец-премиер ќе одите во опозиција. Во меѓувреме, вие лично влеговте во еден дуел со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по повод перформансот на скопското Кале, при што беа изречени критики на ваша сметка околу учинокот што сте го имаше како градоначалник на Чаир. На што се должат ваквите разлики-дали подолго време постои одредена нетрпеливост меѓу двете партии или одредени нивни функционери која сега излегува на површина или пак станува збор за битка на две партии кои конкурираат за исто гласачко тело?
МЕЏИТИ Во 2016 го одбравме Зоран Заев за премиер со јасни услови: Преспанскиот договор, законот за јазици и првиот Албанец-Претседател на Собрание. Тој ги прифати овие услови и го цениме тоа што го постигнавме заедно. Но, Заев како да заборава кој направи тој да биде премиер, затоа крева тензии. Со Шилегов ситуацијата е слична, тој стана градоначалник со поддршка на ДУИ, но веднаш после изборот ги напушти и дискриминираше албанските населби во смисла на буџет и инфраструктура. Според неговите вчерашни реакции, работите се јасни. Како може човек расистички да ги опфати сите Албанци со етикетата „ефтини“, а да претендира дека е либерален политичар?

Влатко Стојановски

Поврзани новости