„Медена земја“ номиниран за најдобар документарец на „Европските филмски награди“

by Fokus

Документарецот „Медена земја“ („Honeyland“) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска е номиниран за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, кои ги доделува „Европската филмска академија“.

Во Севиља, Шпанија денеска било соопштено дека македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата – најдобар европски документарец за 2019 година.

Како што соопшти тимот на „Медена земја“, на овој потесен избор, пред три месеци му претходела селекцијата на „Медена земја“ меѓу 12 филмови – најсериозни кандидати за оваа награда. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3.600 членови на ЕФА.

Победниците ќе бидат прогласени на церемонија што ќе се одржи на 7 декември годинава во Берлин.

Филмот „Медена земја“ деновиве освои нови награди. На 43-то издание на Интернационалниот филмски фестивал во Сао Паоло, Бразил филмот доби две признанија: награда на критика за најдобар филм во меѓународната конкуренција и награда од жири за најдобар документарец во категоријата „Нови режисери“. Ја доби и главната награда на фестивалот „Festival Ânûû-rû Âboro“ во Нова Каледонија, Океанија, потоа „Golden Gateway“, награда за најдобар филм во меѓународната конкуренција на Jio MAMI Mumbai Film Festival with Star во Мумбај, Индија.

Се закити и со специјалната награда од жири на меѓународниот фестивал на документарен филм „West Lake“ што се одржува во Ханчоу во Кина. Следуваа наградата од публиката за најдобар филм на фестивалот во Луксембург, „CinEast Festival“, специјалната награда на „Festival Cinemed“ во Монпелје, Франција и специјалната награда за документарен филм на фестивалот „Девоур“ во Канада. На 64-то издание на меѓународниот филмски фестивал во Ваљадолид ја доби наградата „Espiga Verde“ за најдобар филм во категоријата „Cine y Cambio Climático“ во која се прикажуваа филмови кои го третираат проблемот на климатските промени и природните ресурси. Неодамна филмот бил прикажан на „Док Лајпциг“ во Лајпциг, Германија и на „Виенале“, интернационалниот филмски фестивал во Виена, Австрија.

Од тимот на „Медена земја“ информираат дека претстои учество на филмскиот фестивал „AJYAL“ во Доха, Катар, и на „Синевропа“ – фестивал во Сантјаго де Компостела, во Шпанија. „Медена земја“ ќе биде дел и од официјалната селекција на „IDFA“ – најголемиот фестивал за документарен филм во светот кој се одржува во Амстердам, Холандија. Тоа, воедно, ќе биде и холандска премиера на филмот.

Режисерите и главната протагонистката во „Медена земја“ – Атиџе Муратова деновиве се во Њујорк, каде утре во Бруклин ќе бидат доделени наградите Избор на критиката за документарци (Critics’ Choice Documentary Awards). Филмот е номиниран во категориите: најдобар филм, најдобра режија, најдобра кинематографија, најдобар документарец на тема наука или природа. На церемонијата на Атиџе ќе ѝ биде врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.

– На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) во САД ја доби наградата „Pare Lorentz“. „Медена земја“ е номиниран во уште три категории  (најдобар документарен филм, најдобра режија и најдобра кинематографија), а победниците ќе бидат објавени на 7 декември во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес, стои во соопштението.

Во моментов во тек е и промотивната кампања на филмот за номинации за оскар, која е поддржана од Агенцијата за филм.

Поврзани новости