Медарски: Заев беше наместен со агент провокатор, бараме ослободителна пресуда

by fokus 13:59
13:59

Адвокатот Филип Медарски на денешните завршни зборови за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев истакна дека судот треба да донесе ослободителна пресуда бидејќи како што рече, Заев бил вплеткан во местенка, која обвинителството и полицијата ја реализирале со агент провокатор.

Како што појасни Медарски, сведокот, бизнисменот Иван Николов е класичен агент провокатор и затоа судот не треба да му верува.

- Advertisements -

-Самиот сведок сведочеше како го наведувал обвинетиот што да каже. Тој не е сведок, туку агент провокатор кој поттикнувал извршување на кривично дело. Нашиот Кривичен законик оваа активност изречито ја забранува, а за ова прашање уште поригорозен е Судот за човекови права во Стразбур, истакна Медарски.

Тој потсети дека во тој период против бизнисменот Николов, кој сведочеше дека Заев му барал мито иамло и отворени истраги, па со својата активност да го намести Заев се обидувал да се спаси себе си.

Во овој случај, единствен доказ е сведочењето на бизнисменот Иван Николов, бидејќи снимката од Заев и Николов, како и останатите снимки обезбедени со ПИ-мерки се отфрлени поради направената преквалификација на делото.

Адвокатот Медарски додаде и дека судот мора да има предвид дека во тој период Заев почнал со објавување на „бомбите“, па со подигање на обвинение се сакало да се запре проектот „Вистината за Македонија“.

-Тогаш во јавноста протече и снимката обезбедена со ПИ-мерка. Ова за прв пат се случи во правосудството на Македонија, а досега ниту еден службеник не одговараше, рече Медарски во својот завршен збор.

В.В.

Поврзани новости