Еректилната дисфункција (ЕД) е состојба која може да се појави и веројатно се појавила кај секој маж некогаш во животот. Но, за да се класифицира како заболување, оваа состојба треба да се јавува во подолг временски период. Статистиките покажуваат дека 5 до 20% од мажите во светот имаат умерена до тешка форма на еректилна дисфункција, односно неспособност да воспостават и одржат ерекција доволна за сексуален однос.
Причинители на eректилната дисфункција можат да бидат проблеми со простата или други болести, примањето на антидепресивна терапија, нездравиот начин на живот, како и психолошката состојба на мажот. Од друга страна пак, појавата на ЕД може негативно да влијае на психичката состојба на мажот, предизвикувајќи тешки чувства и депресија.
И покрај тоа што ЕД е примарно проблем на мажите, тој излегува од границите на поединецот. За мажите оваа појава претставува срам и вина дека не успеале да ги исполнат очекувањата на партнерката. При тоа, не ретко, се изолираат и затвораат во себе или стануваат агресивни. Тоа понатаму влијае на нивниот однос со партнерката, со членовите на семејството и поширокото опкружување. Тогаш влегуваат во еден круг, во кој самите не можат да си помогнат доколку не побараат стручна помош или не разговараат за проблемот.
„Сексуалниот живот е значаен сегмент во еден партнерски однос, па здравата машкост бара одржување и посветеност. На подолг рок, обостраното незадоволство кое би се јавило како резултат на ЕД може да донесе чувство на срам, страв, анксиозност, како и неможност да се зачне и сето тоа може во голема мера да ги наруши дотогаш хармоничните партнерски релации“- вели Тина Дамеска, психолог, системски и семеен психотерапевт.
Настанувањето на еректилна дисфункција може да се спречи со воведување на здрави навики на живот, регулирање на телесната тежина, физичка активност, како и со користење додатоци во исхраната, кои содржат природни растителни екстракти и витамини за подобрување на функциите на уринарниот и репродуктивниот тракт. Доколку сепак се појави, неопходно е мажот да посети лекар или терапевт за да се откријат причините и на нив да се делува.
Во Македонија во тек е кампањата #здравамашкост. Преку примери и отворена дискусија, кампањата придонесува за разбивање на стереотипите, охрабрувајќи ги мажите повеќе да се грижат за здравјето и да побараат помош доколку се соочуваат со некакви проблеми. Оваа кампања е еден вид повик за мажите континуирано да се грижат за сопственото здравје и да ги преземат сите превентивни чекори за спречување на настанување на болести.
“Секој поединец или група која сака да даде свој придонес во кампањата и со тоа да влијае на менување на општествената свест е добредојден. Мажите кои промовираат здрава, почитувана машкоста даваат позитивен придонес кон нивните семејства, нивните заедници и човештвото во целост“- додаваат организаторите на кампањата.
Досега, кампањата јавно ја поддржаа фармацевтската компанија Алвоген, повеќе јавни личности како и членовите на групата Скопско ноќно трчање, со симболична трка на кејот на реката Вардар.