Матични лекари: Земаме кредити за да функционираме или ќе ги затвориме ординациите

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Фондот за здравство последен пат капитација на матичните лекари им исплатил за мај, а парите на нивните сметки легнале на 4 август, со што дел од лекарите се жалат дека на тој начин тие се закочени да им исплатат плати на своите вработени, доктор и сестра, да платат платат кирија, комуналии, потрошен материјал, фирмарини, книговодител, па се принудени или да земаат кредит или да стават клуч на ординацијата, тврдат за „Фокус“ дел од нив.

Нашата редакција располага со документите на кои може да се види кога од Фондот за здравство последен пат им исплатиле капитација на матичните лекари, која сега по последните реакции на лекарите ја зголемија од 50 на 55 денари. Од Фондот пак, тврдат дека капитацијата се исплаќа во законскиот рок од 60 дена.

1

Дел од матичните лекари кои имаат и по 15 години ординации тврдат дека не можат да издржат да функционираат на овој начин, па затоа сега за да ги покријат сите трошоци мора да земат кредит.

– Која е мотивацијата на лекарите да останат да работат тука во Македонија, кога се сардисани на секој чекор. Посебно на младите лекари, кои како што можеме да видиме, само што ќе завршат го фаќаат патот во странство. Овде секој печали на наш грб. Јас морам да обезбедам пари, да ги покријам трошоците и да дадам плата на докторот и на медицинската сестра. Од кај да најдам пари. Еве, сега планирам да поднесам за кредит за да го истерам овој месец – тврди лекарка, која сакаше да остане анонимна.

Во последните неколку години, матичните лекари се соочуваат со казни, во случај ако надминат дозволен број на боледувања или на антибиотици. Па,во таков случај пациент и да има потреба да добие боледување или лекови, матичниот лекар не смее да му издаде. Казните од ФЗО се изрекуваат како 1/4, 1/2, 1 до пет капитации. Што значи дека за иста грешка, еден ќе плати 25.000 денари(ако му е капитацијата 100.000), друг ќе плати 70.000 денари, ако му е капитацијата 280.000 денари.

Исто така, според правилата на Фондот за здравство, ако некој од лекарите одлучи да ја напушти ординацијата тогаш се бришат сите досегашни пациенти и ординацијата почнува од нула.

– Ако си отиде некој лекар од кај мене, јас морам поново сите пациенти кои се водат кај мене да ги малтретирам да доаѓаат и поново да ги регистрирам. Како да отворам нова ординација. Во случај, ако се отвори нова ординација, тогаш додека да се соберат 700 пациенти, Фондот префрла само по 80.000 денари. А, сега бидејќи се е по партиска линија, и нови амбуланти се даваат само на нивни членови – тврдат нашите извори.

Од друга страна, од Фондот за здравство пак, тврдат дека редовно исплаќаат капитација на сите матични лекари и тоа во предвидениот рок и без доцнење. Според нив, единствен законски исклучок за неплаќање капитација е доколку матичниот лекар нема подмирено придонеси за здравствено осигурување со доцнење подолго од 60 дена. Одговорот од Фондот за здравство го објавуваме во целост.

Законот за здравственои осигурување го регулира начинот на избор на лекар. Имено, осигуреникот, има право и обврска да си избере матичен лекар по сопствена волја. Доколку тој матичен лекар од било која причина (пензионирање, отказ, преселба, ново работно место, итн) го раскине договорот со ФЗОМ, осигуреното лице треба да си избере нов матичен лекар. Обврска на докторот кој го прекинува договорот со Фондот е да ги извести осигурениците за тие да можат навремено да си изберат нов матичен лекар. Да укажеме дека законот не предвидува избор на ординација, туку на лекар.

 Фондот години по ред води релаксирање на казнената политика. Досега ниту еден матичен лекар не е казнет за повеќе издадени боледувања, затоа што сите лекари, доколку го пречекорат предвидениот број на боледуваања, согласно потпишаниот договор помеѓу лекарот и Фондот, тогаш со обично известување за објективните здравствени потреби на осигурениците го оправдува зголемениот број на издадени боледувања. Повторно напоменуваме дека ниту еден матичен лекар кој има договор со Фондот не е казнет.

Секој матичен лекар има дозволен годишен износ на пропишани и реализирани рецепти кои самостојно ги издава и доколку го пречекори тој износ, не се казнува, туку се намалува износот на исплата на капитација. Максималното намалување на капитација изнесува 6% . Доколку во определен квартал се направи намалување на капитацијата, а во друг не, тогаш на почеток на годината, за минатата година се врши порамнување и доколку не е надминат годишниот износ, тогаш му се враќаат намалените средства.

Во случај на прогласена епидемија на определно подрачје, матичниот лекар не се ограничува со издавање на рецепти. Дополнително, доколку во определено подрачје, има зголемување на определен тип на заболувања, тогаш матичниот лекар, со потврда од Институт за јавно здравје го оправдува надминувањето на пропишаните износи на лекови.

Износите на лекови од оваа година се зголемени за 20% во согласност со Лекарската Комора на Македонија и со Здружението на приватни лекари на Република Македонија, а воедно никој досега се нема пожалено.

Оттука не ние јасно зошто се поставуваат прашања за кои што Фондот со ЛКМ и ЗПЛРМ го надминала пред подолг временски период.

Поврзани новости