Масовни протести во Истанбул, уапсениот градоначалник денеска пред суд

by Fokus

Демонстранти трета ноќ по ред излегоа на улиците низ Турција барајќи од владата оставка поради притворањето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу.

Луѓето се собраа во Истанбул, Анкара и Измир и покрај забраната за протести, објавија локалните медиуми. Во Истанбул демонстрантите побараа оставка од владата.

Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои сакаа да ја пробијат полициската блокада. Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја објави дека на протестите до нешто пред полноќ биле уапсени 97 лица.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно ги нарече протестите „уличен терор“ и ја обвини опозицијата дека се обидува да создаде „хаос“. „Ние нема да прифатиме уништување на јавен имот и немири под никакви околности“, изјави Ердоган.

Имамоглу беше уапсен во средата, неколку дена пред да биде номиниран за претседателски кандидат на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).

Тој е обвинет за тероризам и корупција, а опозицијата тврди дека ова е политички прогон на конкурентот на Ердоган. Имамоглу треба да биде изведен пред суд денеска.

Поврзани новости