Масовната вакцинација во Кавадарци се одвива без застој, интересот кај граѓаните е голем

by fokus 13:13
13:13

Непречено се одвива масовната вакцинација на населението на вакциналните пунктови во спортската сала ,,Јасмин” во Кавадарци. Интересот кај граѓаните е голем, и дневно се вакцинирале по околу 1.100 лица.

-Организацијата е на високо ниво, нема долго задржување, одзивот на граѓаните е одличен. Започнавме со 5.100 вакцини, веќе добивме и нови количини. Досега не се забележани несакани појави кај имунизираните лица, жителите на Повардарски регион кои се вакцинираат овде покажуваат висока свест дека ова е начин да се стави крај на пандемијата- изјави директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев.

- Advertisements -

Вели дека има доволно вакцини, персоналот е обучен и останува само на населението да се пријави за имунизација.

-Се работи без застој, покрај здравствените работници вклучени се и волонтери, како и администрација која е на испомош од локалната самоуправа. Ги повикувам оние кои се уште не се пријавиле за вакцинација, да го сторат тоа, за побргу да се избориме со пандемијата- вели д-р Коцев.

,,Фокус” разговараше со пензионери во своите осумдесетти години, кои ја примија вакцината против Ковид-19, од Тиквешко, и тие велат дека се чувствуваат добро.

-Ги охрабруваме сите кои имаат некакво двоумење, да не се колебаат, еве ние примивме прва доза од вакцината, веќе наредниот ден излеговме надвор на прошетка. И во минатото светот имал разни пандемии, не е ова ништо ново, треба да бидеме среќни што добивме можност да се вакцинираме и да се вратиме на стариот начин на живот – порачаа тие.

Вики Клинчарова

Поврзани новости