Маските конечно ќе паднат при изборот на претседател на собранието

by Fokus 20:39
20:39

Текстот е објавен на 28 април, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1125

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

- Advertisements -

ФОКУС: Речиси секојдневно давате соопштение дека новото мнозинство само што не избрало претседател на Собранието. Поминуваат недели, а не се случува ништо. Тоа ви е некаква тактика кон политичкиот противник да ги држите на штрек или вашите планови се изјаловија? Очекувате ли Трајко Вељановски во содејство со Чавков да ви удри реприза на црниот понеделник од 2012?

ЗАЕВ: Можно е, една од причините зошто го постојано го соопштуваме тоа е да знаат и тие дека сме подготвени на таков чекор. И прашање на ден е кога чекорот ќе биде преземен зашто мнозинството е живо и здраво, оформено и постои. Согласно деловникот има право на одлучување, посебно кога вака се банализира целата оваа седница само за да не се предаде власта. Сѐ друго е изговор што го употребува нашиот политички опонент. Оттука, најавуваме дека ќе ја преземеме одговорноста како оформено парламентарно мнозинство. Постојат низа алтернативи, секако не би ги соопштувал во јавноста бидејќи тоа е тактика и стратегија. Но, знаат и нашите политички противници дека постојат.

ФОКУС: Имате ли сознанија дека полицијата е спремна, на пример, оние што протестираат „За заедничка Македонија“ да ги пуштат во Собранието, говорам за едно такво насилно или крваво сценарио?

ЗАЕВ: Подготвени се само нивните робусни поддржувачи, дури и вообичаените поддржувачи не се подготвени, посебно интелектуалниот свет, упатениот свет, обичните граѓани знаат што значи оформено мнозинство. Тоа оформено мнозинство ден потоа или многу бргу ќе биде преточено во нова влада. Така што позначајните луѓе не даваат поддршка на валкани сценарија, кои значат насилство со употреба на државните институции, полицијата или Армијата, каде што знам дека има професионалци кои си ја сакаат државата и разбираат што значи заштита на државните интереси.

МОЖНО Е ВЕЉАНОСКИ ДА ПРАВИ ОПСТРУКЦИИ

ФОКУС: Не откривате како би го извеле преземањето на власта. Мислите дека Трајко Вељаноски ќе ја напушти канцеларијата на претседател на Собранието, дека Емил Димитриев кога ќе изберете влада ќе имате мирно примопредавање на власта?

ЗАЕВ: Со изборот на новиот претседател на Собранието можно е Трајко Вељаноски да прави опструкции и да не го напушти кабинетот, но кога- тогаш ќе го напушти кабинетот поради тоа што, ако мнозинството избере претседател на Собранието, тој ќе мора да замине. Соодветно на тоа истото ќе се случи и со премиерот и со министрите. Секако, тоа сакаме да го направиме согласно правната регулатива. И тоа оформено мнозинство може да ги користи сите алатки што ги дава Уставот, Законот и Деловникот за работа на Собранието.

ФОКУС: Но, Иванов во интервју за австрискиот медиум спомена дека тогаш ќе има две влади, една техничка и една нелегитимна.

ЗАЕВ: Може да толкува тој како што сака, но на крајот ќе се сведе на тоа што го направи и со аболициите во делот на нивното укинување. Само ќе ве потсетам дека ден пред укинувањето на аболициите тој стоеше цврсто дека го прави за доброто на државата и дека нема намера да попушти, за наредниот ден да видиме дека тоа го укинал. Новиот претседател на Собранието со писмо ќе му даде рок од десет дена, и тоа е правниот дел од неговите две таканаречени причини зошто не го дава мандатот. Кога ќе биде тргнат правниот дел, јас уште еднаш ќе гарантирам пред граѓаните дека сѐ што ќе работи новото мнозинство, новата влада ќе биде исклучиво според Уставот, исклучиво заради зајакнување на унитарноста на државата и исклучиво заради нашите евроатлантски перспективи. Иако убеден сум дека граѓаните веќе го знаат тоа. Сѐ што ќе работиме е ставено во документот што веќе го објавивме и кој се вика програма на новата влада на Република Македонија.

ФОКУС: Да, но тој и досега, според некои кривичари експерти, прави кривично дело со целава ситуација, па што му менува за сега да се премисли? Мислите дека притисокот од меѓународните фактори ќе вроди со некаков ефект, ќе го предомисли?

ЗАЕВ: Ставот на меѓународната заедница е многу јасен, дека демократските процеси мора да продолжат и дека мора да биде избран новиот собраниски претседател, а потоа и новата реформска влада. Дипломатите одат дотаму што бараат Груевски и Иванов да постапуваат согласно здравиот разум и сѐ поотворено говорат за конкретни санкции против политичарите што ги блокираат демократските процеси со Македонија. Дали ќе се премислат Груевски и Иванов, не знам, но знам дека доколку продолжат со ваквото однесување, на крај ќе се соочат со одговорноста, не само пред домашната, туку и пред меѓународната јавност, за злосторот што го прават врз граѓаните на Република Македонија.

ГРУЕВСКИ УПРАВУВА СО ИВАНОВ

 ФОКУС: Кога ги објавувавте бомбите кажавте и дека претседателот Иванов бил прислушуван. Зошто не пуштивте и од тој материјал, сѐ е во ред, сѐ е чисто?

ЗАЕВ: Не, поради тоа што не дојде на ред за Иванов, од премногу криминали на врхушката на извршната власт.

ФОКУС: Од она што го слушнавте, каков впечаток имате за Иванов?

ЗАЕВ: Првиот впечаток веднаш ми беше дека има некој што целосно го контролира претседателот на државата, а тоа е Никола Груевски. Дека Никола Груевски управува со претседателот на државата и верувам дека со тоа не кажувам нешто што е голема тајна, тоа го почувствуваа и граѓаните, јас само можам да го потврдам од разговорите. Слушнав од тие разговори дека Иванов има и одредени негови стравувања за луѓето околу него, вклучително и за неговото семејство, и тоа ми укажуваше зошто подлегнал под целосна контрола на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Конкретно, зошто?

ЗАЕВ: Јас само ја користам оваа можност да го повикам да се одважи и помеѓу заштитата државните интереси и криминалните интереси на Никола Груевски, конечно да го избере првото. Тоа е должност по Уставот на претседател на држава. Како потенцијален мандатар знам дека извршната власт и вршителот на должност претседател на државата се упатени на соработка, колку и за некои работи да имаме различни мислења. Но, граѓанските и државните интереси мора за сите да бидат врвен приоритет број еден.

ФОКУС: Вие поаѓате од некаков ваш вредносен систем и кога рековте на стартот по три дена од бомбите Груевски ќе наведне глава, ќе се повлече… Треба да појдете од скенирање на нивниот вредносен систем, така и сега очекувате да проработи разумот кај човек кој овие две години носи крајно неразумни одлуки.

ЗАЕВ: Се согласувам со вашата констатација, јас го увидов тоа, но, сепак, останувам на ставовите да не се откажувам од нешто во кое јас верувам. Бидејќи, ако и јас се откажам од нешто во што веруваме, тогаш во што да веруваат граѓаните на крајот од денот. Логично ако по десетте дена дадени од новиот претседател на Собранието и потсетувањето на владината програма во интерес за унитарноста на државата и почитување на Уставот, Иванов продолжи да работи спротивно на државните интереси и не го даде мандатот на што и досега беше обврзан, тогаш парламентарното мнозинство ќе си носи одлуки. Впрочем, мандатот го даваат граѓаните на парламентарни избори и новото парламентарно мнозинство има, не само право, туку и обврски и одговорност да носи одлуки во интерес на Република Македонија и на сите нејзини граѓани.

И ЛУЃЕТО ОД ДПМНЕ БАРААТ СПАС

 ФОКУС:  Како го коментирате минатонеделното соопштение од Стејт департментот, каде што навестија дури и одговорност за тие што ја опструираат оваа работа, бидејќи во ВМРО-ДПМНЕ сите надежи беа врзани за Доналд Трамп, новиот претседател.

ЗАЕВ: Во меѓувреме, додека трае оваа криза, имало и има избори во демократскиот свет, еве сега има избори во Франција, следуваат во Германија. Во демократскиот свет, САД, Европската унија не можат да поверуваат дека е можно да не можете да направите трансфер на власта со декларирано парламентарно мнозинство. Толку е едноставно што никој не може да го сфати и освен да го декларира како неподготвеност да се предаде власта.

ФОКУС: Како реагираат на тоа странците со кои комуницирате?

ЗАЕВ: Буквално ми го повторуваат по трипати во истиот миг истото прашање. Ама господине Заев имате 67 пратеници, а колку се вкупно – 120, од 120 имате 67. Па, како е можно да го кочат давањето мандат? Кај нас е можно тоа во Македонија. Ова е обврска за нас час поскоро да ги преземеме неопходните чекори.

ФОКУС: Тоа е психолошкиот момент што тие не можат да си го дозволат. Ако го добиете мандатот, бидејќи дел од неговите приврзаници е на клиентелистички принцип врзан, дел од нив лесно ќе ја променат страната. Веројатно, тоа е стравот, дека ќе се случат промени…

ЗАЕВ: Никола Груевски не може да го додржи на купче своето најтесно раководство во извршниот комитет на партијата, да не зборувам за централниот комитет и за другите органи на оваа политичка партија, која еве 11 години владее во Република Македонија. И не само што сум свесен јас, туку за тоа е свесен и Груевски.

ФОКУС: Имате конкретни сознанија за тоа …

ЗАЕВ: Апсолутно. Луѓето бараат спас. Има дел од луѓето што направиле комуникација со нас. И јас ги разбирам тие луѓе. Некои се многу блиски соработници на Никола Груевски.

ФОКУС: Имате ли и од министрите од техничкава влада некои позитивни абери дека и нив им е преку глава ваквата статус кво состојба??

ЗАЕВ: Повеќе од една третина кон нас испраќаат порака за час поскоро да се формира влада. Зборувам за министрите од ВМРО-ДПМНЕ, повеќе од една третина. По ваков или онаков начин, испраќаат пораки дека ова час поскоро треба да заврши. Поради тоа што секој може да е припадник на одредена политичка партија, може да биде член на влада, директор, градоначалник, но на крајот е граѓанин, родител на деца, има свое семејство и знае што пишува во законите. И тоа е логично, и тоа е разбирливо, особено што не се сите инволвирани во криминал во извршната власт што ја водеше Никола Груевски. Има таму и чесни луѓе. Овие чесните не можат да продолжат да живеат вака. Јас го разбирам тоа. И тие чекаат едно ослободување. Точно е дека ќе ја изгубат својата министерска функција, но знаат барем нема да мораат да се огрешуваат по законот за да го поминат остатокот од времето понатаму по судови каде што ќе се продуцира нивната одговорност. И тоа е многу логично и многу нормално.

ДОАЃА НОВО ВРЕМЕ

ФОКУС: Дали и судиите ви праќаат абери за „спас“?

ЗАЕВ: Луѓето бараат спас. Таму има многу чесни судии, кои сакаат по словото на законот да носат одлуки и по свое лично убедување, знаејќи дека има и второстепени санкции…

ФОКУС: Но, ние како новинари трпевме последици, ама опстојавме. Колегата Кежаровски беше во затвор…

ЗАЕВ: Јас, како лидер на опозицијата, кај многу од вас новинарите ја видов храброста. Кај судиите тоа не можам да го видам, со чесни исклучоци, некои се одважија, се тргнаа надвор од контролата на Панчевски. Ги видовме тие судии, но, за жал, се многу малку. Јас очекував многу повеќе, таму ги има многу повеќе независни судии, вистински професионалци. Што очекуваат тие, за нив некој друг да ја заврши работата? Јас ја вршам мојата политичка работа, вие како новинари ја вршите вашата новинарска работа, тие како судии мора да ја завршат нивната. Зар новинарите од независните медиуми што се одважија, тие немаат ризик? Немаат дома семејства или имаат сите своја одговорност. И тука нема дилеми.

ФОКУС: Митриновски, кој го доби процесот во Стразбур, изјави дека бил разрешен од претседател на Апелација затоа што бил во конфликт со Филимена и Михајло Маневска. Цаца-Николовска дојде како судија од Стразбур овде не ја примија, двапати аплицираше во Врховниот суд, што е скандал. Сега со истото се соочува Мирјана Лазарова-Трајкова. Тоа говори кој систем на вредности во судството се форсираа овде.

ЗАЕВ: Се изгубија вредностите. Сѐ е окупирано од врхушката на власта и поради тоа велиме нема повеќе ни институции. Затоа сѐ е партија. Велам доаѓа ново време и Никола Груевски најмногу се плаши од тоа. Време во кое политичарите ќе имаат одговорност.Такво време ѝ треба на Македонија. И во вакви околности, секој мора да си ја преземе својата одговорност.

ФОКУС: Очекувате самиот да си го стави јаженцето околу врат? Толку кривични има што ги води СЈО, толку криминал, толку очигледно јас не знам дека било во друга држава. Дали под маса се разговара за амнестија на Груевски? Негова и на уште двајца. Според некои информации, на Мијалков и на Гордана Јанкулоска.

ЗАЕВ: Апсолутно, не. Она што е точно е дека оваа блокада што ѝ се случува на Македонија во моментов и непредавањето на власта е токму стравот од одговорноста. Во еден период на политичката криза, пред изборите имаше обид за какви било пазарења, но сфатија дека никој не може да се впушти да ветува таква работа, ниту смее, ниту има право на тоа, ниту, пак, ќе го направи. Одлуки не носат поединци или политички партии, одлуките ги носат институциите. Заврши времето кога политичарите управуваат правосудни органи.

РАЗУЛАВЕНИОТ ПОЛИТИЧКИ ПРОТИВНИК

ФОКУС: Имате ли средби со Груевски?

ЗАЕВ: Не, во Собранието се гледаме кога влегуваме, куртоазно сме се поздравиле. Толку. Нема причина за средби, ако се случи причина, ќе ја објавиме таа причина.

ФОКУС: Зошто тогаш од ДУИ го тврдат спротивното?

ЗАЕВ: Верувам дека тука на средбите во парламентот, влези-излези од сала може некој муабет да се направи. Постојат средби на координација меѓу Оливер Спасовски, Илија Димовски, Трајко Вељановски, Талат Џафери. И тука се разговара за сѐ и сешто. Како што тие знаат да признаат дека им е преку глава од оваа бламажа, која мора да ја поминуваат во собранието. Сите од ВМРО-ДПМНЕ го признаваат тоа, поради тоа што знаат и тие што е што. Изговорот Тиранска платформа е мачкање очи, изговор да не се предаде власта и еве вака ѝ трошат денови на Република Македонија.

ФОКУС: Вие им верувате на Али Ахмети и на ДУИ?

ЗАЕВ: Ние имаме 67 потписи за преговарање за влада.

ФОКУС: Да, но изјавата на Ахмети дека сега проблемот е меѓу ВМРО и СДСМ става знак на равенство за состојбава меѓу вас и Груевски.

ЗАЕВ: Тие донесоа одлука. Одлуката е дека немаат иднина со ВМРО-ДПМНЕ и да коалицираат со СДСМ. Одлуката е јавно обелоденета, централното претседателство ја донесе, Али Ахмети неколкупати ја потврдува, нивните портпароли и луѓето што даваат изјави, тоа го потврдуваат насекаде.

ФОКУС: Ама со месеци разговарате и нема ефект…

ЗАЕВ: Јас немам проблем од разговарања Но, на крајот на денот, граѓаните очекуваат од сите, така и од нас, како парламентарно мнозинство да носиме одлуки затоа што тие сите имаат семејни проблеми, имаат секојдневни проблеми. Институциите постојат заради граѓаните.

ФОКУС: Граѓаните, претпоставувам, и вас ве прашуваат, до кога ќе трае ова, предолго трае? Може ли да кажете кога ќе се случи пресвртот?

ЗАЕВ: Изразив очекување дека во мај Македонија ќе има нова влада. Согласно тоа може да се направат отприлика пресметки до кога и нашето трпение може да издржи, кога ќе ги преземеме следните чекори. Доаѓа времето, се наближува. И луѓето велат што е многу, многу е. Еден месец, четири недели, петта е во тек. Работите мора да завршат. Уште еднаш ќе напоменам, тоа ќе го направиме согласно Уставот, Деловникот и позитивните законски прописи, без какво било насилство, од наша страна зборувам, не можеме да претпоставиме што разулавениот политички противник може да преземе во вакви околности.

ФОКУС: Ако тој разулавениот противник преземе такви насилни методи, имате план?

ЗАЕВ: Уставот, законот и Деловникот на собранието даваат прва можност, ја даваат пленарната сала да се избере претседател на собранието. Но, тие не ограничуваат дека тоа треба да се случи таму. Парламентот одлучува таму каде што е мнозинството и ние ќе ги донесеме одлуките поради тоа што имаме оформено мнозинство, а тоа мнозинство е мобилно. Не е врзано за столчињата.

МОЖЕБИ И МОСКВА ЌЕ НИ ЧЕСТИТА

ФОКУС: Очекувате од светските центри признавање на новите институции?

ЗАЕВ: Секако дека очекувам. Тој демократски свет јавно ги соопштува своите ставови. Апсолутно чекаат одлука на парламентарното мнозинство. Секако, укажуваат на внимателност, поради тоа што кризата во Македонија треба да заврши, а не да биде продолжена. Со нашата внимателност со донесувањето на одлуките очекувам истата вечер САД, Европската унија, демократскиот свет да му честитаат на новоизбраниот претседател на Собранието. Зошто? Бидејќи ќе биде јавно видлива одлуката на парламентарното мнозинство.

ФОКУС: Освен Москва…

ЗАЕВ: Можеби и Москва ќе честита. На крајот тие знаат што значи мнозинство од вкупно. Мнозинството ја носи одлуката на крајот. Теоријата на демократијата ја знаат и логично е да честитаат.

ФОКУС: Не сметате дека згрешивте што не баравте и претседателски избори кога почнавте со бомбите?

ЗАЕВ: Ние бараме постојано претседателски избори, но немате алатка како да ги поттикнете, освен со оставка на Ѓорге Иванов.

ФОКУС: Еве, Груевски може да се кандидира за претседател…

ЗАЕВ: Груевски одамна требаше да се повлече од политиката, ако имаше совест. Така што од него, ништо не е за чудење.

ФОКУС: Тој има пратенички имунитет, така што неговата позиција е малку покомотна од Јанкулоска или од Јанакиески…

ЗАЕВ: Имунитетот значи дека не може некој да оди во притвор ако е осомничен за дело, за кое казната е до пет години. Ама јас бидејќи ги слушав сите тие разговори, знам дека има многу дела за кои се заканува казна затвор од над пет години. Сепак, тоа е работа на судството.

ФОКУС: На Специјалното обвинителство наскоро му истекува мандатот за покренување обвиненија. Задоволен сте вие од темпото на нивната работа?

ЗАЕВ: Јас учествував само како претседател на најголемата опозициска партија во тоа време на преговорите околу законското решение на СЈО и изборот на специјалниот главен обвинител, госпоѓата Катица Јанева. Оттогаш наваму, знаејќи во какви услови работат, со какви опструкции се соочуваат и во судството и во државните институции, сум задоволен. Во други околности, моите очекувања беа сосема поинакви, но веројатно не можев да претпоставам дека до таму ќе оди судството, дека државните институции ќе ризикуваат и кривична одговорност, несподелувајќи информации во делот на истрагите што ги водат. Реално, она што досега го има направено СЈО, знам дека е само еден мал микросегмент од тоа што треба да го истражат. Приврзаник сум на тоа дека 18-те месеци за поднесување обвинителни акти и тоа како ни оддалеку не се доволни за да можат да доистражат.

НЕ СЕ ПЛАШАМ ОД НИШТО

ФОКУС: Но, вие сте се согласиле на тој рок…

ЗАЕВ: Точно, законот е со заемно решение на сите партии, вклучително и нашето, но сме претпоставувале дека за 18 месеци може да се донесат обвинителните акти, неочекувајќи дека ќе се работи за вакви опструкции од давателите на информации во процесот на истрагите.Под тие околности, јавно зборувам дека причините зошто 18-те месеци не се доволно се опструкциите од ВМРО-ДПМНЕ што ги прави преку државните институции и преку судството во РМ. Кога тие веќе одлучиле вака, јас сум приврзаник да се продолжи овој рок…

КУС: Тие би рекле, дека СЈО е продолжена рака на СДСМ и на аболицираниот криминалец Зоран Заев.

ЗАЕВ: Познати ми се нивните ставови. Вистината е една и бегање нема од тоа. Ги користам зборовите на Никола Груевски „вистината е како шило“, и таа излегува, и како што ита вистината, ита и демократијата, и правдата, и слободата. Никој не може да ги спречи. Тие процеси се тргнати, тие може да ги развлекуваат одреден период, оти на крајот на денот, и да не постои СЈО, не можеме да го избришеме од колективната меморија на луѓето тоа што го слушнаа. Доказите или, еве, индициите за кои може да се отворат истраги постојат, и да не се продолжи мандатот на СЈО, и не знам што да се случи, доказите постојат и мора да вродат или со обвинителни акти или со отфрлање на истрагите.

ФОКУС: Но, Иванов вели, Зоран Заев ако не е на власт, се плаши од одење в затвор. Го сфативте ова како закана од него?

ЗАЕВ: Апсолутно, не, затоа што, ако јас сум се плашел, немаше да го отворам процесот. Јас бев 12 години градоначалник на Струмица сѐ до 30 декември 2016 година. Никола Груевски е 11 години на власт, Ѓорге Иванов е 8 години претседател на државата. Ако имало трошка основа, досега ќе бев в затвор, ама еве се борам отворено. И секој ден ќе им ја испраќам пораката – апсолутно не се плашам од ништо и ќе ја водам оваа битка до крај, по цена на сѐ што имам јас и мојата партија поради тоа што знам, постојам како политичар и мојата партија заради државата. Македонија мора да биде правна држава.

КЛЕКНАТ Е РЕЖИМОТ НА КОЛЕНА

ФОКУС: Тоа да го видиме… тоа се ветувања, ќе следиме…

ЗАЕВ: Тоа се ветувања, но покажавме пред сите по цена на сите можни закани, јас покажав дека во најмала рака храброст не ни недостасува, ни кај мене ни во СДСМ. Јас сум многу сум среќен што се охрабрија многу други фели, новинарството, експертите, универзитетските професори зборуваат сѐ повеќе, а тоа не беше така пред да ги отвориме бомбите. Режим е, не им е лесно на луѓето.

ФОКУС: Сметате уште дека со пенкало режим може да се симне?

ЗАЕВ: Убеден сум во тоа, клекнат е режимот на колена. Прашање на ден е кога ќе има трансфер на власта.

ФОКУС: Мислите дека после лавина ќе се случи?

ЗАЕВ: Јас сум убеден дека колку што е стравот од одговорност на Никола Груевски и на врхушката од власта, исто така причина за непредавањето на власта е стравот дека како срча ќе се распрсне ВМРО-ДПМНЕ, барем вакво како што го знаеме. ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба на Македонија со чесни политичари, а не со бандити, кои гледаат како да се спасат себеси. Зборувам од одговорноста да одат на судови, никој не сака однапред да каже дека се виновни. Генерално сум против притворање, Никола Груевски ме притвори мене. Седум дена бев во притвор, видов новинари како се притвораат, видов лидери како се притвораат и се во затвори. Јас сум против притвори, но кој сум јас да кажам што треба, а што не треба. Има закони и согласно тоа ќе си постапуваат институциите. Но, независни институции ослободени од канџите на влијание на моќните луѓе ќе има.

ФОКУС: Ќе ги вклучите ли другите партии што не освоија место во Парламентот, а беа декларирани против груевизмот бидејќи ги броите и нивните освоени гласови постојано.

ЗАЕВ: Јас ја почитувам борбата на сите што ја водеа против режимот.

Го гледав Стојанче, Љубчо, го гледав Здравко, Павле, Јове, ги гледав сите како се настроени опозиционо кон режимот. Некаде ќе бидат вградени тие луѓе. Жалам што не освоија пратеници, убаво ќе беше, една убава лепеза на разноликост во Собранието, но така одлучија граѓаните во услови на режим. Ама тоа не значи дека не треба да ја почитуваме борбата што ја водеа тие луѓе. Треба да им дадеме шанса да бидат вградени во институциите и не само тоа, како помали партии треба да добијат шанса на една изборна единица, за да може да ефектираат пратеници, а тоа само ќе ја зајакне демократијата.

Рамка 1

ОД ИВАНОВ СЀ Е МОЖНО, ПА И „ВОЕНА СОСТОЈБА“

 ФОКУС: Дали мислите дека Иванов, според некои информации на Фокус што ги пласиравме, е подготвен да прогласи воена состојба?

ЗАЕВ: Јас знам дека Иванов постапува онака како што Груевски ќе му нареди и поради тоа свесен сум дека тој може да го направи тоа. Проблемот е што гледаат дека немаат со кој да го направат тоа, поради тоа што ако се прогласи удар врз уставниот поредок на државата или воена состојба, треба да планираш со кој тоа ќе го спроведеш, ако донесеш ваков акт. Притоа, кога парламентот е во заседание, тој ги губи уставните ингеренции за вакво едно право. Но, од Иванов сѐ е можно, така што ние очекуваме сѐ. И по цена на сѐ, тие ќе си ја понесат одговорноста, ако наштетат како било на граѓаните или на државните интереси. Ние нема да се откажеме од она што ни следува според Уставот, законот и според Деловникот, а тоа е мнозинството да си ја преземе контролата и во Парламентот и во државните институции.

Рамка 2

ГРУЕВСКИ КАКО БАРОНОТ МИНХАУЗЕН

ФОКУС: Ако при егзактни бројки со пратеници, тие манипулираат со тоа, што да кажеме за другото. Ја наметнаа тиранската платформа и ние три месеци се занимаваме со тоа наместо со криминалите, кои се толку очигледни од таа гарнитура, не само од бомбите, од разни сведоштва на луѓе, од документи.

ЗАЕВ: Знаете како, баронот Минхаузен прво себе се убедуваше и потоа го пласираше тоа како вистина на сите други. Тоа се случува и во ВМРО-ДПМНЕ, претпоставувам. Никола Груевски прво сам себе се убедува нешто и потоа го пласира на сите други. Не смееме да се откажеме бидејќи и граѓаните се трезвени индивидуи, знаат што е што, повеќе во Македонија нема тајни, no more secrets, знаат луѓето сѐ. Луѓето веќе знаат сѐ, сѐ им е јасно. Некои од тие што го поддржуваат Груевски, имаат и личен интерес, но најголем дел се под притисок. Јас ги гледам и по структурата луѓето што протестираат во Прилеп, во Скопје, во Битола, во мојата Струмица, по некој началник, директор, неговото семејство, татко му, децата, со притисок и уцени, натерани да протестираат. Дури нивните членови ги нема таму поради тоа што не можеш да браниш нешто што не се брани. На крајот од денот сите ја знаат вистината, јас верувам дека и тие луѓе што протестираат, час побргу сакаат да се случат промените затоа што и за нив тоа ќе значи одредено релаксирање, отворање нови состојби, кои носат нови перспективи за сите. Без разлика дали некој останува во опозиција или некој ќе биде власт.  

Рамка 3

ДУИ ОСТАВА ЧУДЕН ВПЕЧАТОК ВО ЈАВНОСТА!

 ФОКУС: Вашиот аргумент дека од ДУИ јавно изјавуваат дека го поддржуваат мнозинството што го предводи СДСМ, да ве потсетам дека тие даваат и изјави дека оваа собраниска седница може да трае и четири години. Мојот впечаток е дека седат на две столчиња. Од ДПМНЕ и нема фронтален напад кон ДУИ. Зошто не го ставите Ахмети на тест „или – или“. Покренете иницијатива за избор на претседател, па доколку ескивираат, дел од нивните пратеници отсуствуваат, барем ќе знаете дека со ДУИ не ја бива работата. Дека „командантите на ОНА“ немаат храброст да го напуштат Груевски. И покрај кристално јасните пораки од Вашингтон, Брисел и од Берлин за што поскоро парламентарното мнозинство да се официјализира.

ЗАЕВ: Раководството на ДУИ донесе одлука и нивните пратеници, вклучително и Али Ахмети, ги депонираа потписите за поддршка на новото парламентарно мнозинство и мандат за состав на нова влада. Меѓутоа, некои изјави што ги даваат високи функционери на ДУИ оставаат чуден впечаток во јавноста, или отвораат простор за разни шпекулации и сомнеж во нивните јавно декларирани позиции. Ова не е време за двосмисленост и релативизирање на одговорноста за состојбите во државата. Секој политички субјект потписник на партнерството за нова, реформска влада, мора таквата одлука да ја докаже со конкретни потези, пред очите на целата јавност. Јас им гарантирам на граѓаните дека во овој процес нема да дозволиме неискреност и дволичност од никого. Првиот сериозен тест ќе биде моментот на избор на претседател на собранието. Ако има маски, тогаш дефинитивно ќе паднат, а измамникот граѓаните жестоко ќе го казнат. Лично очекувам дека мнозинството на дело ќе го демонстрира партнерството и посветеноста кон европска Македонија, држава на слободен, пристоен живот и правна сигурност, но и земја во која ригорозно се санкционира сторениот криминал и злостор врз граѓаните.

Рамка 4

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ НАЕСЕН!

ФОКУС: Локални избори кога би се одржале?

ЗАЕВ: Ако во мај се формира владата, во јуни ние не можеме да планираме ништо бидејќи на Државната изборна комисија ѝ требаат најмалку 58 дена, според информациите на нашите членови на ДИК. Бидејќи на локалните избори имаме и независни листи, собирање потписи, требаат малку повеќе денови отколку за парламентарни или претседателски избори. Потоа доаѓа лето, дел од луѓето не се тука. Логично е септември, октомври или ноември. Јас сум приврзаник да ја почитувам праксата во Македонија, штом ќе се формира новата влада, во парламентот може да се оформи дебата меѓу политичките лидери или координаторите на сите партии што се застапени во парламентот да се дефинира заеднички утврден термин за одржување на локалните избори.

Поврзани новости