Марко Чаласан: Ви благодарам добри луѓе, сега помогнете и на други деца!

by fokus

Марко Чаласан (16) детето компјутерски гениј, кој што деновиве се најде во центарот на вниманието, откако ,,Фокус’’ објави дека му е потребна помош, по смртта на мајка му, која што му беше голема поддршка и ПР менаџер, се заблагодарува на сите кои несебично се понудија да му помогнат.

Скромен како и секогаш, тој вели дека веќе добил доволно понуди за конкретна помош од повеќе компании и фондациии, за да може без проблем да продолжи со своите професионални амбиции и остварувања во светот на информатиката. Сметка за донации, за која што првично пишувавме дека ќе биде објавена, нема да има, бидејќи уште во првите неколку часа по објавата за помош, се понудиле неколку субјекти кои што во целост ќе ги покријат трошоците на Марко околу неговиот развој и останати потреби поврзани со компјутерскиот свет.

,,Им се заблагодарувам на сите што се заинтересираа за мене и за мојата иднина. Добив безброј повици и понуди изминативе денови. Сакам да им кажам на сите кои ме прашуваа како ќе живеам сам, дека всушност јас не сум сам, имам роднини кои што се грижат за мене и чија што поддршка е безрезервна. Помошта за која што апелиравме ми е потребна во областа на мојот професионален напредок, да можам да одам на натпревари, да имам подмирени сметки и да се посветам во целост на компјутерите и учењето. Имаше поединци кои што можеби без лоша намера, го навредија моето семејство, со пораки и коментари дека не се грижат за мене, што воопшто не е точно. Тоа сите не растажи бидејќи моите баби и дедовци и останати роднини во овој период се доволно истрауматизирани од настанот со мајка ми. Прочитавме многу шпекулации и невистини, кои што, иако можеби немале цел да ме повредат, сепак го сторија тоа. Јас сум опкружен со љубов, а сега откако повеќе фондации и фирми ми излегоа во пресрет, знам дека ќе нема потреба да се грижам и за мојата финансиска сигурност во наредната година и половина, додека да дојде време да го продолжам школувањето во Америка’’ – вели Марко.

Помеѓу првите кои што му понудија помош на младиот генијалец се најдоа, една позната фондација која понуди да ги подмири неговите трошоци за сместување, ,,Адора Инжинеринг’’ која понуди стипендија, Шпаркасе Банка, која исто така понуди стипендија, градоначалните Ивица Коневски, Коце Трајановски, ,,Алкалоид’’ и други.

Марко вели дека ова би било доволно и апелира до јавноста дека нема потреба од никакви акции во иднина.

,,Ова е посебно тежок период за мене и за моето семејство. Барам разбирање од јавноста, иако знам дека сите кои што постојано се јавуваат или пак ми пишуваат деновиве, тоа го прават со најдобри намери. Благодарен сум на сите кои што ми ја понудија помошта, која што ќе биде искористена за мој напредок, и секако на ,,Фокус’’ кој што помогна во остварувањето на идејата да добијам финансиски поттик во моите понатамошни проекти од областа на компјутерите и ја пренесе вистината. Ако јавноста сака да донира, мислам дека најдобро би било тие средства да ги пренасочи кон ранливи категории на граѓани, односно кон деца на кои што им е неопходна помош од основни потреби или пак лекување“ – порача Марко Чаласан.

Вики Клинчарова

Поврзани новости