Марјана Станојковска: Среќна ѕвезда за Пепелашка

by Фокус 11:19
11:19

Потрагата по омиленото парче облека во најатрактивниот период на попусти во Скопје Сити мол ја донесоа и девојката, која многумина ја очекуваат со нетрпение очекувајќи ги среќните вести за добивки, Марјана Станојковска.

Нејзината убавина е нејзината карта за успех. Ова го препознаваат многумина. Во 2004 година, од „Мис туризам интернационал“ во Куала Лумпур се врати со титулата „мис боди бјутифул“, а следната година, на „Мис бикини оф д јуниверз“ во Кина го освои првото место во конкуренција од 70 земји од светот. Исто така, во 2007 година ја има претставувано Македонија и на интернационалниот избор „Мис хавајан тропик“ во Лас Вегас, каде што доби понуда да учествува во шоуто „Дил ор нот дил“.

- Advertising -
"

Во Македонија е девојка која секои понеделник, среда и сабота им носи среќа на сите играчи на игрите на среќа. Во првата сезона на „Танц со ѕвездите“ влезе како натпреварувач, а во втората е домаќин на самото шоу. Нејзината мајка е ликот што ја трасира нејзината среќа, а малтезерот Моника ја буди наутро за прошетка.

Како што и самата ни откри, таа многу добро се познава себеси, па затоа и лесно донесува одлуки кога оди на шопинг: „од око можам да проценам што би ми стоело, а што не. Често ми се случувало да купам парчиња облека кои не сум ги ни пробала. Најчесто тоа се парчиња кои ми се допаднале веднаш, на прв поглед. Скопје Сити мол навистина нуди голем избор, посебно кога е во прашање женската гардероба. Лесно одбирам парчиња кои се по мој вкус, а најсреќна сум кога можам да ги пронајдам во промотивните акции за време на попустите“.

Чевлите се нејзина слабост. Па, се обидовме да ги побараме оние во кои таа би се почувствувала како Пепелашка. Изборот по „волшебните“ чевли нѐ однесе во продавницата на познатиот бренд „Најн вест“.

„Мојот избор на чевли со кои би го освоила принцот, сигурно не се стаклени“, се смее Марјана. Но, тоа сигурно би биле чевли со високи потпетици. Црни, елегантни салонки со тенка потпетица, прецизна е Марјана, која љубопитно ја почна својата потрага. Магијата на шопингот во оваа продавница ја надополни со избор на чанта и шешир, со што го комплетира својот изглед за танцот со кој ги плени машките срца.

Токму танцот беше пресуден фактор поради кој екипата што го реализира проектот „Танц со ѕвездите“ донесе одлука таа да биде женскиот домаќин во втората сезона од ова шоу кај нас.

„По моето учество во „Танцот со ѕвездите“, како натпреварувач, на мое задоволство, имам можност да бидам дел од водителската двојка оваа сезона. Ќе има многу изненадувања и новитети, тоа ќе го видат и самите гледачи до крајот на шоуто. Едно од тие изненадувања беше и изведбата на песната „Diamonds are a girl’s best friend“ во пакет со сценската изведба од филмот „Мажите повеќе ги сакаат русокосите“ со легендарната Мерилин Монро“ – вели Марјана.

Токму поради тоа, љубопитно прашавме дали мажите ги преферираат русокосите девојки?

Марјана шармантно се обидуваше да нѐ освои со вистинскиот женски украс, нејзината насмевка, мудро префрлајќи ја топката: Не знам, ова најдобро би го одговориле мажите. Генерално, мислам дека бојата на косата не игра некоја голема улога, но можеби се лажам… А можеби и навистина џентлмените преферираат русокоси… Навистина не би зборувала во името на мажите. Мене  ми е убаво со оваа боја на коса и не планирам да ја сменам во догледно време.

Со овој тест се снајде, па затоа решивме да ѝ понудиме нов предизвик. Овојпат со понудата која девојките ги остава без збор. Накитот „Сваровски“. Сега не бараше помош од посилниот пол за одговор, самата ја почна акцијата за трагање по соодветните светкави задоволства, кои се украс на секоја жена.

„Познавачите на дијамантите сметаат дека накитот блеска со посебен сјај, но само доколку се наоѓа на женскиот врат. Токму затоа најдобрата презентација на овие благородни камења е преку жената. Оваа поврзаност трае со децении. Не за џабе велат дека дијамантите би биле обични камења, доколку не би постоеле жените“, во доверба ни открива Марјана.

Во нашата заедничка дружба во Скопје Сити мол откривме многу слаби точки на Марјана. Една од нив е и нејзината желба да биде учесник во мјузикл. Ние се заинтересиравме дали досега добила понуда за ваков проект, а еве што ни одговори таа:

– Сѐ уште посакувам кај нас да се постави  мјузикл. Сонувам тоа да биде мјузикл како познатите на Бродвеј: „Чикаго“, „Мачки“, „Брилјантин“, „Мама миа“… За овој мој предизвик, во една пригода разговарав  со новинарката Соња Алексовска-Неделковска. Сакав да знам дали постои можност да се изведе вакво нешто кај нас, ме интересираше дали како сценарист на ваков проект би застанал нејзиниот сопруг, Огнен Неделковски.  Деталите за овој проект не сме ги разгледале комплетно, но којзнае можеби во иднина ќе се случи и тоа.

Нашата прошетка низ Скопје Сити мол ја заокруживме со местото каде што многумина ја застануваа, консултираа и очекуваа да им ја предвиди среќата, продажното место Вагабонт. Тука и самата се обиде да ја тестира својата среќа, дури и во две игри на среќа, Бинго Бум и Новолото.

Некако сите посакуваат да ја добијат седумката на лото, вели Марјана. Секако дека и јас не сум имуна. Во моментов, во игра се повеќе од 300 илјади евра. Доколку би ги освоила, посакувам да ги вложам во креативна инвестиција, која одамна ми стои во главата. Плус задолжително, би оставила и еден мал дел за егзотично патување.

Во меѓувреме, додека таа ги избираше нејзините среќни бројки, неколку посетители ја прашаа за совет кои бројки да ги играат. Ние, пак, бевме љубопитни дали таа верува во моќта на бројките.

„Верувам во моќта на бројките. Секој број има одредено значење и своја одредена енергија. Мојот среќен број е 5, јас сум родена на 5.5, па дури и по нумерологија сум  број 5. Покрај петката, мои среќни бројки се и 7,9,13 и 24.

Поврзани новости