Марјан Петровски, лаборант: Луѓе почнаа да веруваат во вирусот, дури откако го почувствуваа на своја кожа!

by Fokus

Марјан Петровски е лаборант од дијагностично-биохемиската лабораторија Рамус во Скопје, која две години постои во Македонија. Оваа лабораторија е ангажирана во борбата со корона вирусот и врши биохемиски анализи (се испитуваат биохемиските параметри кои се менуваат под дејство на Ковид-19 вирусот).

Тој во интервју за „Фокус“ раскажа за неговото искуство во битката со пандемијата, која во Македонија трае веќе девет месеци.

На почетокот на пандемијата, поради затворањето на голем дел од институциите и строгите мерки, нашата работа се намали. Луѓето се исплашија од вирусот и ги одложуваа обврските. Но, есенските месеци, работата рапидно се зголеми. За жал, имаше многу болни кои сакаат да ги испититаат некои од препорачаните лабораториски анализи за позитивни на SARS CoV-2 кои се докажале како важни показатели за текот и тежината на болеста“, вели Петровски.

Голем дел од времето, неговите колеги а и тој, го поминуваат во домашни посети на позитивни пациенти на корона вирусот. Како што додава Петровски, изминатите неколку месеци дневно испитувале по 150 пациенти, со максимална заштита на медицинскиот тим. Се среќаваат со секакви видови пациенти, додава нашиот соговорник.

Повеќето се возрасни пациенти, кај нив клиничката слика е полоша и имаат поголема потреба од редовен преглед на крвните параметри посебно на Д-димерите, фибрин-деградациони продукти и C-реактивен протеин кои значително може да ја влошат состојбата на пациентот и затоа е неопходно нивно следење. Од она што досега сме го виделе на терен, кај повеќето од помладите пациенти клиничката слика е полесна со исклучоци и тие воглавно имаат помали промени во вредностите на лабораториските параметри кои ги испитуваме. Пациентите, без разлика на нивната состојба, се посвесни се за сериозноста на болеста и нормално некои се поисплашени, зависно сериозноста на симптомите со кои се соочуваат“, истакнува Петровски.

Како што беше состојбата на почетокот, голем дел од луѓето не веруваа дека овој вирус постои и како одговор нудеа секакви теории на заговор. Сепак, дел од тие што се заразиле, се уште имаат последици од вирусот.

 

Веќе сме 10 месеци со оваа пандемија, имаше доволно време народот да се едуцира за вирусот и како да се заштити. Исто така и доволно време да ги согледа последиците од вирусот. Но, најголем дел од пациентите велат дека поминеле низ доста тежок период и додека сами не се соочиле со болеста, не верувале дека станува збор за толку опасен вирус. Голем дел од пациентите сведочат дека после опоравувањето се уште имаат последици како проблеми со дишењето и зголемен замор“, анализира лаборантот.

Низ месеците што поминаа и сите медицински резултати водат кон една констатација – луѓето кои се спортски активни повеќе се имуни на вирусот.

 

Спортските активности се важни за човекот и тие луѓе имаат многу посилен имунитет и побрзо го совладуваат вирусот и имаат помали промени на крвните параметри. Но, секако има исклучоци, бидејќи досега се покажа дека овој вирус е многу непредвидлив и нормално клиничката слика зависи од индивидуалната здравствена состојба на секој поединец така што, не можат да се извлечат генерални правила“, смета Петровски.

Во однос на нивниот домен на работа, а тоа е биохемискиот, забележано е драстично зголемување на вредностите на Д-димерите, CRP, трансаминазите, некои деградациони продукти, LDH ензимот кај ковид-позитивните пациенти, што укажува на фактот дека овој вирус има влијание на голем број биохемиски параметри меѓу другото и е од значителна важност нивно навремено одредување и следење на состојбата.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 79815, бројката на оздравени пациенти е 56743, на починати е 2354, а бројот на активни случаи изнесува 20718.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости