Маричиќ: Задача на идните судии и обвинители е да се погрижат законот да важи еднакво за сите

by fokus

Во свечената сала на Врховниот суд денеска се одржа свечена церемонија за одбележување на почетокот на обуката за слушатели на VII генерација во Академијата за судии и јавни обвинители, каде присуствуваше и министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Во своето воведно обраќање, министерот Маричиќ истакна дека Академијата за судии и јавни обвинители има обврска да преземе активности кои преку едукативниот процес ќе изгради независни и непристрасни судии и јавни обвинители, со фокус на нивните професионални вештини, интегритет, стручност, лична способност и социјални вештини.

Маричиќ истакна дека судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед во општеството, но и дека новата генерација на судии и обвинители треба да внесе нова енергија во правосудството и на дело да се докаже.

Задача на идните судии и обвинители е да се погрижат законот да важи еднакво за сите, истакна министерот Маричиќ, кој дополни дека „власта“ која им е доделена на судиите и јавните обвинители е тесно поврзана со вредностите правда, еднаквост, непристрасност, вистина и слобода и тие како носители на правосудната власт носат одлуки кои во голема мера ги засегаат животите на луѓето и овозможуваат нормално функционирање на општеството.

-Секој судија и јавен обвинител поединечно би требало да стори се за да ја одржува судската независност на институционално и лично ниво, да имаат еднаква почит и третман на странките со избегнување на секаква пристрасност и дискриминација, рече министерот за правда.

Тој додаде дека подеднакво важно е судиите и обвинителите активно да соработуваат со медиумите и редовно да ја информираат јавноста за случувањата.

-Општество со бестрашни обвинители и судии може да стави крај на корупцијата и организираниот криминал, може да го подобри угледот на државата надвор и да ги задржи младите во државата бидејќи ќе знаат дека правосудниот систем функционира, а државата работи за нив и во нивно име. Правдата е во ваши раце и направете граѓаните да видат дека се прави! И запаметете, кога еден ден ќе ја поминете целата Академија и ќе бидете избрани, секогаш носете пресуди во име на граѓаните и немојте тоа да го заборавите затоа што ним им служите. Храброст, транспарентност и етика нека зрачат од вас и вашата работa, истакна Маричиќ.

Поврзани новости